Младинскиот образовен форум  и ИРЕКС организираа настан на кој го промовираа водичот за медиумска писменост за родители и старатели на деца од 5 до 10 години „Дигиталниот свет на генерација алфа како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Водичот опфаќа совети за родителите и старателите како полесно да се снајдат во новото време на технолошка и дигитална експанзија. На промоцијатаавторките на водичот, ја претставија содржината и наодите од истражувањата и зборуваа за важноста на медиумската писменост.

Авторката на водичот, професорката Тамара Ќупева, порача: „Онлајн активностите на децата стануваат важен дел од нивниот развој и мора да бидеме свесни какво влијание тие имаат врз нивните интелектуални, мисловни, јазично-лингвистички, емоционални и физички активности.“  

Ирена Христовска, исто така авторка на водичот, додаде дека станува збор за „стаклена“ генерација, скринејџери, дигитални домородци и номади во отворениот онлајн простор. Јутјубери, тиктокери и гејмери… Тие  учат, играат и комуницираат различно од сите претходни генерации. Го осознаваат светот во целосно дигитално опкружување. Имаат различна перцепција на непосредната околина, на играта, на социјализацијата, на фикцијата, на стварноста, на текстот, на јазикот.

Психологот и коавтор на водичот, професорката Ана Попризова, го истакна психолошко-развојниот аспект на генерацијата алфа„Дигиталната комуникација, воспоставена преку информатичките уреди, има огромно влијание врз процесот на формирање на идентитетот. Детето не е само член на семејството и на општествената заедница. Тоа е исто така и член на виртуелно, дигитално општество кое го поврзува со нови мали „општества“ во кои е подложено на различни влијанија.“

Водичите може да се најдат на македонски и албански јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.