На церемонија организирана од Регионалниот фонд за предизвици во Скопје, Комисијата за избор одлучи да ги финансира двата најуспешни проекти од Македонија. Фондот поддржан од Германија и Швајцарија неодамна ги објави добитниците во третиот круг на неговата програма која обезбедува грантови за стручно образование и обука (СОО) заедно со претпријатијата и установите за стручно образование и обука (УСОО)  од регионот на Западен Балкан.

Комплетна листа на добитниците е достапна овде.

Регионалниот фонд за предизвици (RCF) го зголемува одржливиот конкурентски капацитет на бизнисите во Западен Балкан 6 на пат кон единствениот пазар на ЕУ со финансирање на  VET установите и адресирање на потребите за вештини во соработка со компаниите.

„Во три отворени повици до сега, RCF ангажирал 7,13 милиони евра за поддршка на вкупно 16 проекти за стручно образование и обука од Македонија, со 85 партнерски претпријатија. Остануваме посветени на придонесот кон економскиот раст на земјата со надградба на вештините и знаењата на младите за да произведеме работоспособна работна сила што е потребна на компаниите“, рече г-дин Мориц Реме, директор за Косово и Македонија, KfW.

Тој спомена некои од активностите што веќе се имплементирани во земјата, како што се обуки за ментори за учење преку работа кои доаѓаат од партнерските претпријатија.

„Обуките беа организирани за потребите на четири проекти од Скопје, Тетово, Виница и Богданци и нивните партнерски претпријатија. Обуките се одржаа онлајн и на лице место во Стопанската комора на Македонија и резултираа со четириесет и четири вработени кои стекнаа вредни знаења за менторство и практична примена на вештини потребни за обезбедување соодветна насока, совети и повратни информации на учениците во програмите за учење преку работа“, додаде Реме.

На третиот повик, пристигнаа 155 изјави на интерес од земјите на Западен Балкан, од кои 25 беа од Македонија. Комисијата за избор одлучи да ги финансира двата најуспешни проекти од Македонија со вкупен износ од 951,905 евра. Овие средства ќе се искористат за подобрување на инфраструктурата на образовните установи и за обезбедување обука на учесниците во програмата за кооперативно образование.

Регионалниот фонд за предизвици беше создаден по иницијатива на Германската банка за развој, а средствата произлегуваат од Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ), со кофинансирање од Владата на Швајцарија.

Петра Дрекслер, амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија зборуваше за потребата на усогласување на образовниот систем и потребата за работна сила во приватниот сектор: „Тука настапува Регионалниот фонд за предизвици – работејќи како поврзувач помеѓу образовните институции и потребите на приватниот сектор. Токму затоа потребни се измени во образониот систем и образовните програми што изискува меѓусебна соработка на сите заинтересирани страни. “

По повод интернационалниот ден на Девојките во ИКТ амбасадорката истакна: „Не треба да им честитаме на девојките туку на сите нам како општествени чинители бидејќи препознавме дека економски развој не е возможен без нивната стручност и нивните способности“.

Во 2022 година, Швајцарската Влада покажа интерес за финансирање на РЦФ, со обезбедување на 10 милиони евра за финансирање на кооперативни обуки во регионот. Придонесот беше направен преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), со што обемот на Фондот се зголеми на скоро 75 милиони евра.

„Швајцарија е силно посветена на поддршката на соработката помеѓу установите за обука и приватниот сектор, и токму затоа се приклучи на  KfW Регионалниот фонд за предизвици. Додека го прославуваме доделувањето на двата грантови денес, пред нас е уште еден следен голем чекор, а тоа е заеднички со клучните чинители да најдеме решение за да го пресликаме моделот на Регионален фонд за предизвици на национално ниво и на сите нивоа на образовниот систем. Само на овој начин можеме да го зголемиме ограничениот број на успешни приказни во одржливи промени на системско ниво низ целата земја,“ вели  Луциен Аегертер, DHoM, Швајцарска амбасада,

Главниот партнер за имплементација на проектот е Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6 – асоцијација на коморите на трговија на регионот, чија членка е Стопанската комора на Македонија.

„Индустријата за информациски и комуникациски технологии (ИКТ) важи за една од најбрзо растечките индустрии, како и за најпросперитетна професија на денешницата. За ова говори и фактот дека сè поголем број на луѓе решаваат за квалификација, но и преквалификација во професии во оваа сфера, што е во значајна мера присутно и во нашата земја. Статистичките резултати од истражувањето покажуваат дека застапеноста на девојките студенти на ИТ студиите во Македонија е на високо ниво, споредбено со поголем број  ЕУ држави, при што над 50% од студентите кои студираат природни науки, математика и информатика, како и инженерство, производство и градежништво се жени, “ истакна Антони Пешев, извршен директор на Стопанска комора.

„ Денес е интернационалниот ден на девојките во ИКТ и морам да споменам дека Стопанската комора и во таа насока работи на низа активности за да ги разбие стереотипите дека не постои машка и женска професија, туку сè зависи од интересите и можностите на личноста, “ додаде тој.

Во оваа насока се обрати и Михаела Ставревска ученичка во средното училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола: „Иднината е во компјутерите, не е важно дали си машко или женско, ако си доволно интелигентен можеш да успееш во секоја насока. Многу сум благодарна што се доделуваат вакви грантови, бидејќи најголем бенефит од новите опреми во училиштата имаме токму ние, учениците.“

„Една од главните додадени вредности што Регионалниот фонд за предизвици ги носи во регионот на Западен Балкан е неговиот интрарегионален ефект. Ова е регион на шест економии, кои сите имаат различни институционални подесувања кога станува збор за системот на стручно образование, пристапот кон дуално или учење на работно место во системите на стручно образование  се имплементираат во различни модели во секоја од економиите и на многу различно ниво. Сепак, предизвиците за обезбедување на квалификувана работна сила која може да одговори на потребите на денешните економии се исти во сите шест економии“, оцени г-ѓа Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6. Таа исто така изрази и задоволство од бројот на поддржани проекти до сега.

„Во моментот имаме дадено поддршка на 99 проекти, кои добиваат 44 милиони евра во грантови, менувајќи ја сликата на стручно образование и обука  низ регионот, но исто така ширејќи многу позитивен ефект низ регионот во областа на развој на човечки капитал и транзицијата на Западен Балкан кон зелени и дигитални економии“, заклучи таа.

Церемонијата на доделување собра претставници од Стопанска комора на Македонија, Амбасада на Сојузна Република Германија во Македонија, Амбасада на Швајцарија во Македонија,  Канцеларијата на Германската банка за развој во Македонија и Косово и Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.