Нина Николиќ, една од основачите на Стартап Алијансата во Западен Балкан (WBSA) стана дел од Советодавниот одбор на Алијансата на европските стартап нации (ESNA), јавен ентитет кој се залага за политики и развој на стартапите во Европа.

Ова е првпат претставник од Македонија да биде избран во ESNA како составен дел на стратегијата на Европа за подобрување на нејзиниот стартап екосистем и глобалната конкурентност.

Николиќ, е една од жените во земјава која преку сопствениот позитивен и голем пример за успешност ги мотивира, инспирира и најважно поддржува сите оние кои се впуштаат во иновативниот бизнис сектор.

Нејзина мисија веќе осум години е да го зацврстува и развива домашниот и регионалниот стартап и иновативен екосистем. Таа е и програмски офицер на Швајцарската Програма за претприемништво (SwissEP) и ко-основач на Асоцијацијата „Стартап Македонија“. Нина ги има иницирано и е дел од Националниот и стартап советот на Западен Балкан.

– Не постои подобар момент да се започне со бизнис од овој сега. Тоа најмногу се должи на технологијата и поврзаноста која интернетот ни ја овозможува. Денес, познавам многу млади луѓе кои со минимални трошоци изградиле успешни стартапи дома, вработуваат други млади луѓе со одлични работни услови и креираат можности. Глобално, борбата за еднакви плати продолжува, како и поддршката на жени да се на лидерски позиции во бизнисот, политиката… Ние сме генерацијата која докажува дека квалитетно и паметно работење, ќе го надвладее тоа што некогаш се сметало за машка или женска работа. И драго ми е дека сум и сведок и активен учесник во ерата на овие општествени промен, вели таа.

Николиќ додава дека целта на ЕSNA e зајакнување на стартап екосистемите во Европа, преку колективна експертиза, составена од 25 истакнати членови длабоко вкоренети во локалните стартап екосистеми. Советодавниот одбор ќе обезбеди увид, знаење и стратешки насоки за да ја поттикне мисијата на ESNA.

-Одборот треба да стане камен-темелник во спроведувањето на стандардите на ЕСНА и ќе ја води агендата за претприемништво на ЕУ. Нашите членови на Советодавниот одбор даваат извонреден придонес во пејзажот на европскиот стартап. Тие ѝ носат на ESNA богатство од експертиза додека продолжуваме да го промовираме претприемништвото помеѓу Комисијата, владите на земјите-членки и националните тела за претприемништво на секоја земја од ЕУ“, вели Артур Џордао, извршен директор на ESNA.

Формирањето на Советодавниот одбор следи по објавувањето на основната студија на ESNA, која има за цел да ја процени зрелоста на европскиот стартап екосистем во однос на неговите политики водени за претприемништвото. Со овој додаден слој на владеење и експертиза, ESNA може да користи колективна интелигенција за да ги поттикне одлуките за политиките и напорите за лобирање.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.