Меѓународни тренинзи за дијагностика на болестите кај животните и безбедност на храна се организираат во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје преку нивната долгогодишна соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
-Преку реализација на вакви обуки, Факултетот воспоставува широка меѓународна соработка и споделува најнови сознанија и искуства. Компетентноста на ФВМС за организирање на меѓународни обуки е уште една потврда за меѓународната препознатливост и реноме на оваа високо образовна и научно-истражувачка институција со применувачка дејност, вели проф. д-р Јована Стефановска од ФВМС.
Во текот на ноември и декември 2022 година беше одржана обука за две лица од Националниот ветеринарен институт во Алжир, Република Алжир.
-Во последните 10 години нашиот Факултет има организирано повеќе обуки за лица од Европа, Азија и Африка. Обуките се реализирани од страна на нашиот високо едуциран кадар, кои своите знаења и искуства ги стекнале преку многубројни домашни и странски обуки и со долгогогодишното искуство во истражувачката и применувачката работа во Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје, додава проф. д-р Стефановска.
Како што појаснува професорката од Факултетот, обуката се состоела од теоретски и практичен дел, при што биле опфатени стандарди за квалитет поврзани со лабораториски тестирања, валидација и верификација на микробиолошки и алтернативни методи за микробиолошки испитување на храна, мострирање на храна и вода, како и структура и перформанси на лабораториски информатички системи.
Со помош на стекнатите знаења, обучените лица ќе ја унапредат применувачката работа на Националниот ветеринарен институт во Алжир, кој што претставува водечка национална институција во дијагностика на болести на животни и анализи поврзани со безбедност на храна во Алжир.
Покрај тоа се организираат обуки и за стандарди за добра лабораториска пракса (ИСО/ИЕЦ 17025:2017), менаџирање со ризици (ИСО 31000:2018), биосигурност и проценка на ризик во дијагностички лаборатории (ИСО 35001:2019).
Со своите најсовремени капацитети и високо едуциран персонал, Факултет за ветеринарна медицина-Скопје претставува национален стожер во областа на ветеринарната медицина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.