Познати и еминентни ментори заедно со 40 средношколци од различни градови низ државата денеска ќе работат на креативно изразување на ставовите на младите луѓе преку видеа, графити, музика и облека.
Активноста што ќе се одржи во креативниот центар „Бруталиск“ е дел од настанот „Враќање во иднината“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје во соработка со Форумот за разумни политики и Центарот за едукација и уметност – Хана.
Учесниците ќе бидат поделени во четири групи, а менторите Емилија Ристановска од Центарот за едукација и уметност „Хана“ и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики ќе им помогнат на младите средношколци да ја разберат уметноста како одговор на општествените и политички случувања низ историјата.
На настанот, свое учество како тренери ќе земат познатиот визуелен уметник, илустратор, графички дизајнер и ди-џеј Горан Костовски-Индог, музичарката и тапанарка Мартина Баракоска, графичарот, стрип цртач и еден од најплодните рапери на современата македонска музичка сцена Антонио Аранѓеловиќ (Тонио Сан), како и графичкиот дизајнер Теодор Петровски.
Со почеток во 12 часот е предвидена отворена презентација за граѓаните и медиумите каде што ќе биде презентиран уметничкиот и креативен израз на учесниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.