Да се зајакне гласот на Ромите во делот на политичкото учество, изјави денеска извршната директорка на Фондацијата „Роми за демократија“, Селвије Мустафи Алкан.

Таа рече дека Фондацијата „Роми за демократија“ моментално ги развива своите идеи. Меѓутоа, еден главен фокус на што ќе се насочат е „иницијативата за водење кампања за изборен интегритет, што ќе се однесува непосредно пред изборите, за да се зајакне гласот на Ромите во делот на политичкото учество“.

Таа ја даде изјавата по разговор со медиумски работници за стратешкиот патоказ за иднината на Ромите и на македонското општество.

Како што појасни, Фондацијата „Роми за демократија“ има за цел, пред сѐ, да го зајакне демократското учество на Ромите во општеството, да ја зајакне заедницата во делот на политичка едукација, со тоа и во политичко учество, понатаму и во политичка репрезентација и да се работи, не само во јакнењето на граѓанските, туку и на политичките права на заедницата.

Настанот „Добро за Ромите, добро за Македонија“, што ќе се одржи утревечер во Филхармонија, е еден почетен настан што го организира нашата фондација, како иницијатива за справување со политичките приоритети и политичките предизвици со што се соочува нашата заедница, појасни таа.

Станува збор за настан поделен во два дела.

Првиот е со говори на претставници од Фондацијата „Роми за Европа“, Ромскиот едукативен фонд, РЕДИ и од политичката партија Унија за Роми. Тие ќе дадат свое видување за тоа како треба да се пристапи кон политичките приоритети во делот на културата, едукација, политика, економија. Вториот дел е еден волшебен концерт, што ќе биде претставен од концептот „Ромите – сила на природата“, каде ќе имаме музичари од Србија, Турција и од Бугарија. Нивниот концепт е да се претстави таа трансформативна моќ на ромската култура, на ромската дипломатија со елементи на модернизмот на народите, додаде извршната директорка на Фондацијата „Роми за демократија“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.