Голем број наставници од цела земја учествуваа на обуки, интерактивни училници, работилници како дел од активностите што во изминатиот период ги организираше Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Во рамките на Еразмус-деновите им беше доближена програмата еТвининг, Еврогајденс и Европас, а позитивните искуства инспирираа наставници и училишта кои досега немале можност да станат дел од Еразмус-семејството.

Марко Ѓорѓиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност потенцираше дека и оваа година на Еразмус-деновите се зајакнуваат капацитетите на училиштата, пракса воведена од минатата година, а сето тоа силно ќе влијание во подобрувањето на образованието во нашата земја.

МаркоЃорѓиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми: На Еразмус-деновите се зајакнуваат капацитетите на училиштата фото: НАЕОПМ

Еразмус-деновите и оваа година ги започнавме со училиштата. Така ги унапредуваме знаењата и соработките помеѓу училиштата. Обуката и интерактивната училница „Градење на капацитети на училиштата“ соодветствуваат со програмата Еразмус и се со една цел – да ги направиме нашите училишта подобри. Еразмус програмата е најголемата образовна програма на Европската Унија и е симбол за соработка, размена на искуства и унапредување на образованието, обуката, младите и спортот. Веруваме декa знаењето што учесниците го стекнаа на овој настан, ќе биде од суштинско значење за нив самите. Исто така, знаеме дека зелените и инклузивните политики се од исклучително значење за денешниот свет. Еразмус-деновите понудија прекрасна можност за нови искуства, за градење нови пријателства и за истражување нови можности во образованието и обуката – вели Ѓорѓиевски.

За Зорица Милкова, наставничка во ОУ „Тошо Велков – Пепето“ од Кавадарци, сите обуки што досега ги посетувала, ги зголемуваат нејзините и компетенциите на нејзините колеги за учество во Еразмус-проектите.

На овие обуки ги зголемуваме нашите можности, способности, со колегите се вмреживме на некој начин, успеавме да дојдеме до нови идеи што ќе ни се корисни за новите Еразмус проекти. Топло препорачувам училиштата што не се дел од Еразмус, да се вклучат, затоа што хоризонтите дефинитивно многу се прошируваат, а за професионалниот развој, да не зборуваме – вели Милкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.