Годинава, Францускиот институт во Скопје го организира 24-то издание на Летниот регионален семинар во Струга, педагошка обука, која повеќе од две децении обединува на едно место професори по француски јазик од повеќе земји во регионот. Семинарот се организира во соработка со француските амбасади и институти од земјите во регионот.

Овогодишната средба и значајна обука ќе се одржи од понеделник 26 до петок 30 јуни 2023 год., а во рамките на својата програма ќе понуди педагошки работилници наменети за професорите од земјава, но и од поширокиот регион (Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Бугарија, Романија, Молдавија, Грузија и Ерменија).

Главни цели на обуката се: истакнување на видливоста на францускиот јазик, зајакнување на неговото место во образовните системи на земјите на учесниците, создавање на вистинска кохезија меѓу учесниците, како и остварување богати меѓусебни размени на професионални искуства меѓу професорите по француски и професорите кои предаваат нејазични дисциплини на француски јазик од Југоисточна Европа. Овогодишното издание на Летниот регионален семинар во Струга ќе го проследат повеќе од стотина учесници.

Обучувачите се експерти од Франција и ќе анимираат работилници на актуелни тематики врзани за наставата на и по француски јазик во рамките на образовниот систем.

Настанот официјално ќе го отворат г-дин Јетон ШАЌИРИ, Министер за образование и наука на Македонија, и г-дин Сирил БОМГАРТНЕР, Амбасадор на Франција, в понеделник, 26 јуни, во 18:30 часот, во хотелот „Дрим“ во Струга, во присуство на учесниците, како и бројни соработници и партнери, како Меѓународната организација на Франкофонијата, Регионалниот франкофонски центар КРЕФЕКО, Меѓународната Федерација на професори по француски јазик, Фондацијата Бел Идеал од Париз, центарот КАЗНАВ од Париз, образовниот центар за обука Франкофониа од Ница, издавачката куќа КЛЕ Интернасионал и др.

Работен јазик на семинарот е француски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.