Од вакуумски цевки до дигитална свест: развојот на компјутерските процесори и раѓањето на вештачката интелигенција.

Интерактивно предавање и мултимедијална изложба со помош на проширена реалност

Предавањата започнуваат во 12 чaсот, секој ден во рамките на изложбата, а за интерактивната АР апликација доволен е мобилен уред со интернет врска, прелистувач и камера

Теми на изложбата ќе бидат:

  • Законот на Мур

Приказната за компјутерскиот процесор е кратка но експоненцијална. Во средината на минатиот век претседателот на Интел, Гордон Мур, предвидува дека моќта на компјутерите и сложеноста на интегрираните кола, а со тоа и алгоритмите, ќе се удвојуваат на секои две години. Овој феномен се потврдил и денес е познат како “Законот на Мур”

 

  • Тестот на Тјуринг

Тестот на Тјуринг има цел да ја докаже способноста на машините да демонстрираат интелигенција еднаква на нашата. Експериментот се состои од интеракција помеѓу човек-човек и човек-компјутер. Доколку човекот не е во можност да разликува дали разговара со човек или пак машина, вештачката интелигенција го положила тестот на Тјуринг

 

Интерактивно предавање

Се наоѓаме во предвечерието на четвртата индустриска револуција, каде што вештачката интелигенција се очекува да го трансформира секој сегмент од нашиот живот, на еднаков или сличен начин како што тоа го направи електричната енергија.

Присутните ќе имаат можност да ги истражат можностите како и предизвиците на вештачката интелигенција. Заинтересираните можат исто така да го посетат Институтот за експоненцијални технологии “Сефиданис”, каде се наоѓа првиот суперкомпјутер на американската компанија НВИДИА.

Уникатната колекција на Проф. д-р Анис Сефиданис нуди оригинални примероци од најраните претставници на електронските ламби на ИБМ до последната генерација на современите процесори на повеќе хетерогени јадра, кои оперираат со висока фреквенција и паралелност.

Со помош на мобилна апликација која користи проширена реалност, посетителите ќе имаат можност да дознаат повеќе за историјата, архитектурата и примената на секој изложен артефакт.

1-3 јуни НУ Библиотека „Григор Прличев“

6-7 јуни Центар за култура „Григор Прличев“

8-10 јуни Универзитет „Св. Апостол Павле“

 

д-р Анис Сефиданис е професор на Факултетот за применети информатички науки, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Претходно раководел со функцијата декан на Факултетот за информатика на Европски Универзитет во Скопје, а предавал и како визитинг професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. д-р Анис Сефиданис е автор на повеќе книги од областа на информатиката, меѓу кои и “Препознавање на облици со помош на машинско учење” и е основач на Институтот за експоненцијални технологии.

Анис е роден во Охрид, 6-ти февруари 1983 година. Средното образование го завршил во Охридската Гимназија, а студиите ги продолжува на Природно – математичкиот факултет при државниот Универзитет во Удине, Италија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.