Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на церемонија што се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“- Плаошник, во Охрид, го врачи признанието „Инженерски прстен“ на најуспешните студенти кои дипломирале на македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини.

Во своето обраќање на церемонијата на доделување, претседателката Сиљановска Давкова, упатувајќи честитки до добитниците на ова престижно признание, ја нагласи исклучителната важност на инженерството во градењето на нашата држава и нејзиното приспособување на глобалните дигитални трендови.

„Напредната роботика, автоматизацијата на производството и вештачката интелигенција сè повеќе влијаат врз пазарот на трудот. Денеска успехот на државите веќе се мери врз основа на нивната способност да ги искусат придобивките и да ги минимизираат ризиците што со себе ги носи дигиталната економија“, истакна претседателката Сиљановска Давкова.

Во таа насока ја нагласи потребата од заеднички ангажман на државата, на академската и на бизнис-заедницата за осовременување на наставните програми, стипендирање и наградување на успешните.

„Државата мора да ги поддржува вашите иновациски проекти, да ги поттикнува стартапите и технолошките паркови и да вложува во иновациските екосистеми. Државата има обврска да направи сè што може за да создаде услови вие и вашите колеги, професионално и кариерно да напредувате тука, во нашата заедничка татковина“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Кристинка Чулак, претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, обраќајќи се на младите инженери рече дека тие ја одбрале професијата која не само што е во служба на безбедност, здравје на човекот и заштита на животната средина, туку ја има и задачата и привилегијата за создавање на уште подобри услови за живеење, креирајќи напредни и паметни светови.

„Комората како професионална организација која што ги обединува сите архитекти и инженери во земјава е вашиот иден дом. Ние со нетрпение ја очекуваме вашата младешка енергија, која секогаш внесува динамика меѓу сите инженери, со сите бои на дигиталните трансформации, иновациите и напредните идеи за прогрес во светот, порача Кристинка Чулак, претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

Во своето обаќање, Христина Спасевска, претседателката на Инженерската институција на Македонија, обраќајќи се на младите инженери, рече дека ова признание се должи на нивниот исклучителен ангажман во текот на студирањето, што потврдува дека се подготвени и понатаму да одат кон височините на успехот, соочувајќи се со сите предизвици на тој пат.

„Вие сега припаѓате на Клубот од 229 најдобри инженери кои денес се успешни универзитетски професори, научници, професионалци и менаџери во компании, како во земјата така и во странство. Дека признанието е доделено на вистинските, достојни за наградата, во овие 21 година сведочат токму нивните успеси“, рече Христина Спасевска, претседателката на Инженерската институција на Македонија.

„Инженерски прстен“ се доделува по 21. пат, а годинашни добитници се 15 најуспешни дипломирани студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и од Државниот универзитет – Тетово. Од УКИМ носители на признанието се Ева Зовиќ – Архитектонски факултет, Димитрија Симјаноски – Градежен факултет, Михаела Златеска – Машински факултет, Марија Митевска – Технолошко-металуршки факултет, Егзона Муртезани – Факултет за земјоделски науки и храна, Виктор Мегленовски – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Руфија Идризовска – Природно математички факултет, Бојана Захариева – Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Ангела Мешкова – Факултет за електротехника и информациски технологии и Матеа Ташковска – Факултет за електротехника и информациски технологии. Од УКЛО Битола, Елена Стефаноска – Технички факултет и Теодора Силјаноска – Факултет за информатички и компјутерски технологии, од УГД Штип, Матеа Анакиевска – Факултет за природни и технички науки и Даниел Цоневски – Факултет за информатика, а од ДУТ Адина Османи – Факултет за применети технички науки.

Манифестацијата „Инженерски прстен“, традиционално е под покровителство на Претседателот на државата, а во организација на Инженерската институција на Македонија и на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.