Бисера Чадловска, првата жена диригент во земјава, под чија палка во изминатите две децении се реализирани бројни оперски и балетски дела, е избрана за „Жена на годината“ на годинашниот избор „Жена на годината 2023“ во рамки на шестото издание на конференцијата „Жени претприемачки“, што се одржа денеска во Музејот на македонската борба во Скопје.

Оваа награда ја посветувам на моето семејство, но и на сите жени кои се борат за својот живот, се исправаат пред професионалните предизвици, пред предрасудите, трчаат насекаде за да стигнат да ги однесат децата во училиште, да учат со нив математика и физика и да се посветат целосно на своите партнери, рече Чадловска.

Изборот за „Жена на годината“, како што истакнаа организаторите, започнал со онлајн номинирање при што имало вкупно 799 номинации. Од сите номинации формирана е листа на финалистки, по пет во секоја од десетте категории, за кои потоа гласала жири-комисија составена од претставници на медиуми, образовни институции, организатори и соработници.

Покрај главната награда беа доделени и награди за „Жена со трајни вредности“ која ја доби Наде Молеровиќ, додека Тања Милисковиќ е прогласена за „Жена менаџер на годината“. Наградата „Жена со најголеми достигнувања во науката и технологијата“ ја доби Стефанија Зип, а за „Млада жена менаџер на годината“ прогласена е Катерина Трајчевска.

За „ Жена со најголеми достигнувања во културата за 2023 година“ е прогласена Наташа Поповиќ, за „Жена со најголеми достигнувања за општеството“ е Сибел Бајрам, додека наградата „ Жена со најголеми достигнувања во спортот“ ја доби Мери Акиевска. За „ Жена со најдобар стил“ прогласена е Татјана Алексиќ, а титулата „ Инфлуенсерка на годината“ ја доби Мери Бајрамовска.

Целта на изборот „Жена на годината“ е да им се оддаде признание на дамите кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и оствариле забележителни резултати во годината што одминува, велат организаторите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.