Во Стокхолм во текот на оваа седмица ќе бидат прогласени добитниците на престижните награди што се доделуваат во име на Алфред Нобел, објави Нобеловата фондација на својата веб-страница.

Традиционално, во текот на тн. Нобелова седмица, прво денеска ќе биде објавен лауреатот на наградата за физиологија или медицина. Наредните денови, утре и задутре ќе бидат објавени лауреатите за физика и за хемија.

Нобеловата награда за литература ќе биде објавена на 6 октомври, додека онаа за мир на 7 октомври во Осло.

Наградата за економија, што инаку не е меѓу оригиналните награди, ќе биде објавена на 10 октомври.

Фондацијата соопшти дека одлучила на доделувањето на наградите на специјалната прослава закажана за во декември во Градското собрание на Стокхолм да ги покани и добитниците на Нобеловите награди од 2020 и 2021 година.

Досега само двајца добитници ја одбиле Нобеловата награда, обајцата за за литература. Тоа во 1958 година го стори Борис Пастернак и тоа под притисок на советските власти, како и Жан Пол Сартр, кој ги има одбиено сите добиени награди, Нобеловата награда ја одби во 1964 година.

Нобеловите награди се доделуваат благодарение на шведскиот научник и индустријалец Алфред Нобел, изумителот на динамитот, кој оставил аманет секоја година да се издвојуваат пари од неговиот фонд за научниците што дале свој придонес кон човештвото. Тој во 1895 година, една година пред неговата смрт, во тестаментот вклучил барање за основање Нобелов фонд од кој ќе се доделуваат награди на најзаслужните.

Нобел (1833-1896) ги определи институциите што секоја година ќе ги доделуваат наградите, вклучувајќи ги Шведската академија за литература, Институтот за медицина Каролинска, Шведската кралска академија за физика и хемија, како и Комитетот за мир што го избира норвешкиот Парламент.

По повод 300-годишнината од постоењето Централната банка на Шведска, во 1969 година беше востановена и Нобеловата награда за економија.

Нобеловата награда се состои од златен медал, диплома и чек од девет милиони круни (околу милион евра).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.