Двајца македонски средношколци добија признание на натпреварување во Бразил.

Виктор Попов и Марио Павлески се средношколци од Охрид, кои на само 16 и 17-годишна возраст дознаа како е да се биде меѓу најдобрите во светот.

Тие со својата видеоигра „Пеинт д тинг“ (Paint the Thing) се пласираа на финалето на „Гејм џем“ во Бразил. На светското финале, играта на македонските средношколци ја доби наградата „Најдобра игра од Европа“ (Best Game Europe).

Двајцата неодамна завршија втора година средно во ОЕМУЦ „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Игри почнале да прават уште на деветгодишна возраст.

Првпат почувствував возбуда за игри уште од многу млада возраст кога татко ми ми купи компјутер и уште од тогаш почнав да играм многу различни и интересни игри како, на пример, „Кантер страјк 1.6“ и „Мајнкрафт“. За себе дознав дека сакав да правам игри кога мојот другар Виктор ми спомна за тоа и јас уште од првиот момент бев заинтересиран – раскажува Марио Павлески, за „Нова Македонија“.

Ова не е негова прва видеоигра, досега има направено дваесетина.

Најголемиот дел од нив се направени во „Јунити“, тие игри можете да ги најдите на Итч ио (itch io) под името Кринч мастер 64 (Cringe master 64). Во иднина се гледам како гејмдевелопер за некоја позната фирма. Имам планови да продолжам со гејмдевелоупмент (развој на видеоигри н.з.) и да се подобрам во оваа струка. Немам никакви планови да прекинам со правење игри, сепак, тоа е мојот сон – вели Марио.

Патот до Бразил им бил изненадување. Се пријавиле на „Гејм џем плус“ (Game Jam+), онлајн-натпревар, кој во Македеонија бил достапен преку организацијата МАГДА.

Во конкуренција од 24 екипи, ние бевме една од четирите екипи што се квалификуваше за Европското првенство. По неколку месеци, бевме известени дека сме, исто така, еден од четирите тимови што ќе продолжат до финалето во Бразил, заедно со тимови од Словенија, Португалија и Франција. Во меѓувреме, ние имавме неколку месеци да ја надградиме играта за да ја прикажеме во финалето – раскажува Виктор Попов.

Повеќе на „Нова Македонија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.