Викендот за гордоста – Скопје 2024 традиционално ќе се затвори со настанот „Срамота“ – вечер на раскажување квир приказни вечерва (16 јуни) во Театар Комедија во 20 часот.

„Неколкумина раскажувач(к)и од јавната културна, политичка и општествена сфера раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам што ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код. Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и се трансформира, исмеаниот станува исмевач – срамот се враќа назад кон оние што занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција и да понижуваат. Со овие приказни, од срамот за нашите желби, задоволства, однесувања, движења и размислувања градиме наративи на отпор. Нашиот срам станува нашето задоволство и среќа. Наместо сведнатата глава и преплавувачкото црвенило, пркосиме. Наместо неподносливото задушување навнатре во себе, експлодираме од смеа“, се вели во најавата.

Модераторки ќе бидат Румена Бужаровска и Ана Василева од ПичПрич.

Настанот е организиран во партнерство со ПичПрич, Тиииит! Инк. и Медуза.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.