Во организација на СПЕД „Клепа“ од Росоман во соработка со велешките „Грин Пауер“ и „Азот“ денеска се одржи 5-то јубилејно традиционално зимско планинарско искачување на врвот Клепа на 1150 метри надморска височина, на кое учествуваа околу 600 планинари од целата земја, како и планинари од соседна Србија. Походот во вкупна должина од околу 20 километри учесниците-планинари го изодеа за седум часа при поволни временски услови без ветер и иако облачно, сепак во релативно топло време за овој период од годината, информира за МИА, Веле Коцев од СПЕД „Клепа“ од Росоман.
Со овој планинарски настан бројните учесници – планинари, денеска се потсетија и им оддатоа почит и сеќавање на трагично загинатите свои пријатели Калина и Александар кои пред четири години загинаа на планината Ниџе при искачување на врвот Кајмакчалан во соседна Грција.
Како и во изминатите години стартот беше рано изутрината во 7 часот во селото Сирково каде се собраа сите планинари – учесници од повеќе градови, а домаќините за добредојде и среќен пат ги нагостија со домашен леб, алва и чај.
Планинарите учесници на пат кон Подлес поминаа во Шумата на Калина и Александар каде се наоѓа и дрвцето-аризонски чемпрес кое во февруари 2018 го засади планинарката Калина, а во која шума организаторите во изминатите три дена засадија уште 2000 садници дрвца-багрем и аризонски чемпрес, донација од ЈП „Македонски шуми“ и други спонзори.
По пристигнување во селото Подлес планинарите се упатија кон врвот Клепа каде го развиорија македонското знаме, а потоа се спуштија во манастирот „Св Архангел Михаил“ блиску до селото Долно Чичево. Таму сите се собраа, другаруваа и евоцираа спомени од настанот на заеднички ручек по традиција војничко гравче што и годинава за сите учесниците го подготвија во војничката менза на гарнизонт на Армијата во Велес.
Планинарското искачување на Клепа го подржаа општините Градско и Росоман, како и неколку винарии.
Инаку, Калина Велевска и Александар Миновски од Скопје беа учесници на првото искачување на врвот Клепа на почетокот на февруари 2018, а тогаш свое дрвца во шумата засади и Калина-аризонски чемпрес, кое сега ја краси шумата на Калина и Александар.
За жал една недела по походот на Клепа, Калина и Александар, трагично загинаа на 10 февруари 2018 година на планината Ниџе во соседна Грција при искачување на врвот Кајмакчалан
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.