Голем број уметници се обидувале да ја имитираат детската креативност верувајќи дека уметноста направена од младите е почиста и „попримитивна“ од сликите преку перцепцијата на возрасните. Како дел од проектот со наменски стрип, а и член на жири комисија за објавениот конкурс за наменски стрип, стрип авторката Славица Купенкова во детските цртежи гледа инспирација и водство. Уметникот и детето се поврзани во нивното заедничко чувство за имагинација.

Затоа и Славица Купенкова како професионален уметник, вели дека поминала години во анализа на детската уметност и стрпливо работела за да го достигне својот стил. Кога беше објавен конкурсот за стрип за деца од основните и средни училишта, во својство на член на жири комисија, го гледав светот преку нивните очи како нешто ново и различно, а не како работи кои ги знам или очекувам. Цртањето е моќен начин за фантазијата и креативноста на децата да размислуваат и слободно да ги изразуваат своите мисли, идеи и чувства. Детските цртежи раскажуваат за нивните стравови, радости, соништа и надежи. А една од најдобрите придобивки на стриповите е тоа што тие можат да бидат позабавни и полесни за читање од обичните книги. Ова може да биде привлечно за малите деца, кои инаку би имале мал интерес за читање традиционални форми на книги. Дури некои истражувања покажуваат дека цртањето и пишувањето се поврзани начини на комуникација и разбирање. Кога децата се охрабруваат да цртаат, можат да направат големи придобивки во писменоста преку забава и позитивно учење. И децата го замислуваат и цртаат светот во кој живеат. Тие избираат тема која им е важна и создаваат идеална илустрација што го прикажува светот кој сакаат да го изградат. Затоа ги инспириравме да изработат наменски стрип како дел од грантот “За нашите соседи и пријатели”. Нивната единствена перспектива на светот сè уште не е преоптоварена со политика, финансии и обврски или грижи. Mногу често децата и тинејџерите доживуваат чувства кои ги изразуваат преку она што го цртаат. Но освен можноста за слободна тема за цртање, убаво е да имаат можност за истражување на нови работи. Како и сите други особини, и креативноста е особина која е ретка и својствена и интуитивна. Стриповите кои пристигнаа на конкурсот беа прекрасни и уникатни. На децата им се даде и можности да ja вежбаат и развиваат својата креативност. Воедно од пристигнатите стрипови, заклучив дека децата можат и сакаат да помогнат кога се охрабрени да излезат со идеи за помош и разбирање на соседите и другите во заедницата. А вистината е дека нашите деца сакаат да бидат како нас, па никогаш не е доцна да ги мотивираме да помагаат на другите. Кога децата учат емпатија, развиваат доверливи врски со останатите. Емпатијата ја поттикнува толеранцијата и прифаќањето на другите, промовира социјална хармонија и може да ја намали веројатноста за малтретирање. И секако може да им помогне да се дружат и да добијат помош и од другите.

Локалната библиотека Гоце Делчев од Велес, беше домаќин на завршната изложба, каде преку 100 стрипови беа изработени по повод конкурсот објавен од Стрип центарот на Македонија- Велес, како дел од грантот За нашите соседи и пријатели.

Да се потсетиме на наградените КАТЕГОРИЈА ученици СРЕДНИ УЧИЛИШТА • 1 место: Ангела Петрушевска, Скопје • 2 место: Тамара Мишовска, Скопје • 3 место: Анастасија Недељковска , Куманово • НАЈДОБАР ЦРТЕЖ: Емран Арифов ,Радовиш • НАЈДОБРО СЦЕНАРИО: Елена Апостоловска, Скопје • СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА од Стрип центар на Македонија: Хасина Абдули, Гостивар Од категорија Ученици во ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ: • 1 место: Вилма Дамњановска, општина Петровец,Скопје • 2 место: Aндова Меланија, Велес • 3 место: За стрипот „НЕ ОСУДУВАЈ“ на авторите: Анастасија Петровска – цртеж , Христина Здравковска – цртеж и Бојана Георгиева -текст • НАЈДОБАР ЦРТЕЖ: Матеј Богатиновски, Велес • НАЈДОБРО СЦЕНАРИО: Кристина Мишкова, Велес Стрипот беше наменски и во него учествуваа ученици од основни и средни училишта. Им беа доделени благодарници и дипломи и имаше можност за масовно присуство на сите љубители на стрипот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.