Со концерт на македонскиот и светски позна пијанист Симон Трпчески и пријателите, вечерва во Делчево започнуваат настаните по повод одбележувањето на 80 години од ослободувањето на градот.

На денешната проба пред вечерашниот концерт Трпчески за МИА истакна дека е пресреќен што концертот се одржува во рамки на прославата по повод значајниот датум за градот Делчево.

– Особено сме среќни што сме овде во еден прекрасен град во една прекрасна околина која треба да си ја цениме, а особено зошто од овде е нашиот колега Влатко Нушев. Исто така, сме среќни што сме во рамки на прославата 80 години од ослободувањето на Делчево, истакна Трпчески.

Од самиот почетокот до денес, како што рече славниот пијанист, проектот „Македонисимо“ е претставен во над 17 држави.

– Има сигурно преку 17 држави, а кај нас  уште кога беше претпремиерата на „Македонисимо“, свиревме во Скопје, Штип, Битола, Дојран, сега сме во Делчево, од селата во Збажди и Секирник, така што среќни сме што ќе бидеме дел од прославата на градот, додаде Трпчески.

Настанот е во организација на Општина Делчево во соработка со КултурОп, а одбележувањето на 7 Септември, Денот на ослободувањето на Делчево продолжува утре со положување цвеќе пред споменикот на паднатите борци и свечена програма. Во рамки на настанот ќе бидат доделени награди и признанија за истакнати поединци од градот Делчево, а предвидена е и ликовна изложба, како и музички настан во изведба на домашни музичари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.