На 19-ти август секоја година, православните христијани го слават празникот Преображение господово, кој се смета за еден од поголемите празници, а секогаш се слави една недела пред празникот Успение на Пресвета Богородица.

Овој празник го одбележува преображението на Христос на планината Тавор, кога Господ се појавил во сета негова слава Петар, Јаков и Јован.

Според Библијата, по третата година од своето проповедање на земјата Исус Христос сѐ почесто им зборувал на своите ученици за неговото претстојно страдање, но и за неговата слава по страдањето на крстот.

Така 40 дена пред христовата смрт и распетие, тој одлучил да ги однесе тројцата апостоли во планината Тавор за да не ослабнат во својата вера, ревност и љубов кон него и таму им се покажал во својата ненадминлива сила.

Апостолите забележале како лицето на Исус заблескало како сонце, а неговата облека побелела како снег, а покрај него се појавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија.

Во тој миг апостoлите го слушнале гласот од небото, кој им порачал: Ова е мојот возљубен син. Него послушајте го“

Откако го слушнале овој глас апостолите паднале на земјата и останале така лежејќи во страв сѐ додека Бог не дошол и не им рекол: Станете и не плашете се!

Со оглед на тоа што овој празник се паѓа за време на богородичните пости, трпезата денес треба да биде посна, а се дозволува консумирање масло и риба.

Според народните верувања, ова е еден од најголемите празници кога почнуваат да се преобразува природата и веќе се најавува идната есен.

Се верува дека по овој празник се преобразува и листот во гората, кој почнува да жолтее и водата, која станува постудена, па не е за капење.

Според народните верувања, на Преображение не требало да се спие преку ден, затоа што може да се преобрази и да стане сонлив и поспан во текот на цела година.

Исто така се верувало дека на овој ден не треба да се плаче, ниту луѓето цел ден да го поминат во кафеана, за да не станат безделничари. Но она што задолжително треба да го направите е да пробате грозје.

Во некои краеви од Македонија, на Преображение се берело првото грозје и требало прво да се однесе во црква и да се освети, а потоа да се проба за првпат во годината.

Традиционално, на овој ден во црква се дели нафора и вино.

Нашите предци верувале дека на овој ден небото се отворало и било светло како оган, а штом тоа ќе се случело дрвјата паѓале и се поклонувале.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.