Дистопискиот роман на Џорџ Орвел „1984“, футуристичко дело за тоталитарните владетели кои „ги перат мозоците“ на граѓаните за да обезбедат поддршка за бесмислени војни, е на врвот на најпродаваните книги во Русија.

Тоа е најпопуларното футуристичко дело преземено оваа година од платформата на руската онлајн книжарница ЛитРес и второ најпопуларно во сите категории, објави денеска државната новинска агенција ТАСС.

Романот на британскиот писател беше објавен во 1949 година, веднаш по падот на нацизмот во Европа и избувнувањето на Студената војна и раѓањето на советскиот комунистички блок на чело со Сталин. Книгата беше забранета во Советскиот Сојуз до 1988 година.

Орвел еднаш рече дека токму диктатурата на Сталин му послужила како модел за култот на личноста на Големиот брат, чија „полиција на мислите“ ги принудувала граѓаните на „изопачено размислување“ според кое „војната е мир, а слободата е ропство“.

Но, некои сега гледаат паралели во ова со владеењето на рускиот претседател Владимир Путин, кој во своите 20 години на власт ја задуши опозицијата и независните медиуми и ги рехабилитираше сеќавањата на Сталин.

По инвазијата врз Украина, тој воведе закон со кој се казнува објавување на каква било информација за  војната што не е во согласност со официјалната политика. Кремљ исто така го избегнува зборот „војна“ и наместо тоа го користи терминот „специјална воена операција“.

Официјални лица во Москва инсистираат на тоа дека Русија нема омраза кон Украина, дека не го нападнала својот сосед и дека не ги окупира украинските територии што ги зазеде и анектираше.

Но, руската преведувачка на последното издание на „1984“ гледа и некои други паралели со романот на Орвел.

– Дури и во своите најлоши кошмари, Орвел не можеше ни да сонува дека на Запад ќе започне ера на „либерален тоталитаризам“ или „тоталитарниот либерализам“ и дека цели народи, а не само изолирани поединци, ќе се однесуваат како диво стадо“, изјави во мај Дарија Человалникова за издавачката куќа АСТ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.