Египтологот Џон Шеј Перинг од Велика Британија, ископувајќи околу и во пирамидата на Сахура, 1836 година забележал потрупан премин. Уште тогаш археолозите претпоставувале дека преминот води до древен склад. Но, таа претпоставка ќе биде потврдена околу 200 години подоцна.
Имено, наоѓалиштето било во прилично лоша состојба, па Перинг не можел да мине низ новооткриениот тунел за да дознае што точно има таму. Неколку децении подоцна, германскиот египтолог Лудвиг Борхард работел на истото место. Сепак, тој не се држел премногу до тврдењата на Перинг, а во 19. век, при тогашните ископувања, воопшто не се земал предвид тој „таен“ премин, пишува „Бизнес инсајдер“ (Business Insider).
Дури сега, археолозите од Германија и Египет кои работат на реконструкција на пирамидата откриваат дека Перинг бил во право. Истражувачите ги мапираа надворешните и внатрешните премини на таа комора користејќи најсовремена технологија.
Потоа археолозите го ископаа и истражуваа преминот. Тука досега се пронајдени осум комори. Иако северниот и јужниот дел на овие магацини, особено таванот и подот, се тешко оштетени, сепак може да се видат остатоците од древните ѕидови и подот, објави Универзитетот во Вирцбург.
Многу веројатно станува збор за вид складиште за погребни предмети за „задгробниот живот“ на владетелите. Делови од пирамидата на Сахура се урнале поради промените во температурата низ историјата, влажноста, ветерот и – „забот на времето“. При расчистувањето на пирамидата, археолозите направија и 3-Д мапа којашто дава подобар увид во внатрешноста на оваа древна градба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.