Деца од 4 до 14 години ќе ја покажат својата атлетска моќ на 11 јуни во Битола, на првото издание на детската трка Мини Трчај бе, чиј организатор е етаблираната трка Трчај бе која годинава ќе се одржи по 5 пат во септември и во чест на првиот мал јубилеј, го започнува овој нов проект посветен на најмладите тркачи, симболично на крајот на учебната година.

 

„Иницијативата за детска трка има за цел да промовира активен и здрав начин на живот кај најмалдите жители на градот, но пријавите на деца од други градови навистина пријатно не изненади, а и воопшто интересот кој ги надмина сите наши првични очекувања. Со учество на различни возрасни групи, трката ветува дека ќе биде инклузивно и возбудливо искуство за сите учесници„-истакнуваат организаторите.

 

Градското шеталиште ќе биде локацијата на трката со различни должини според возрасните групи, а испланирана е и забавна програма во градскиот парк за сите учесници и бројната публика која се очекува на овој настан, како подршка на малите тркачи.

 

Настанот ќе започне во 11.00 часот, а учесниците ќе бидат групирани според нивните возрасни категории. Растојанијата на трката ќе бидат приспособени да одговараат на секоја возрасна група, обезбедувајќи пријатно и остварливо искуство за сите деца.

„Фокусот не е само на победата, туку негување на љубов кон физичката активност и радоста да се учествува. Преку оваа трка, децата не само што ќе ја искусат возбудата од трчањето, туку и ќе научат вредни лекции за истрајност, спортски дух и награда од активниот начин на живот„- истакнаа организаторите.

 

Трката не е само можност за децата да ги покажат своите атлетски способности, туку и шанса за семејствата и пријателите да се соберат, да навиваат и да ги прослават достигнувањата на најмалдите атлетичари.

Воведното издание на Мини Трчај Бе, треба да го означи почетокот на новата традиција за првата детска трка во Битола, која ќе инспирира и ангажира генерации млади тркачи, во градот познат по атлетски те успеси на еден од најтрофејните атлетски клубови во Македонија, АК ОЛИМП. Предвидени се и вредни награди за најдобрите во сите категории.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.