Здружението на граѓани Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје денеска ги претстави кумот и здравичарот за Бадник 2023. Ветераните Мојсо Мојсовски и Ванчо – Иве Стевков ќе бидат кум и здравичар, додека како почит и пиетет кон Марко Илковски кој починал, неговиот внук кој го носи неговото име ќе биде синоним на младоста и продолжувањето на традицијата на членување и работа на бадникарите за продолжување на убавата традиција започната во 1993.
Претседателот на Одборот за традиционална прослава – Бадник, Ангел Георгиевски, најави дека следната година Здружението слави 30 години.
– Идната година славиме 30 години на нашето здружение, една традиција која веќе станува институција и икона на градот. За таа цел, пред две недели на местото Говорлевкса Краста засадивме 30 Бадникови дрвца за да и вратиме на природата она што обично ние само ги засекуваме и сега сакавме да формираме еден Бадникарски парк, рече Георгиевски.
Мојсовски и Стевков споделија спомени од настанувањето на Здружението како и од дружбите што ги имале во текот на годините, а меѓу присутните беа кумови и здравичари од изминатите манифестации, претставници од спонзорите и симпатизери на традиционалното скопско Бадникување.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кажа дека во Здружението се чувствува како дома, и дека така ќе биде и во иднина.
– Ние како општина сме отворени да помагаме за вакви добри проекти, следната година славите 30 годишнина, како општина тука сме да излеземе во пресрет, Ме радува и тоа што традицијата продолжува но и се подмладува, истакна Герасимовски.
В недела напладне во месноста Краста, како што известија од Здружението, Одборот за прослава на Бадник во Скопје ќе ги претстави кумот и здравичарот за Бадник 2023 соопштувајќи на тој начин дека се е подготвено за централната прослава на 6-ти јануари на платото пред Соборниот храм Свети Климент Охридски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.