Од денеска, 9 октомври па се до 17 октомври во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржува Светското првенство (СП) во хип-хоп.

Во организација на клубот „Брејк а Лег“, во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ ќе се одржат натпревари во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“ во повеќе возрасни категории. Најавено е учество на пет илјади танчери. Покрај натпреварувањата, како дел од овој спектакл, се најавува и концертот на Пајак, за кој влезот ќе биде бесплатен.

Горди сме што имаме ваква прилика Македонија да ја претставиме во одлично светло пред светската публика. Очекуваната бројка на посетители е доказ дека танцот и спортот се одлична алатка за сплотување на народите од различните страни на светот. Предизвикот кој го прифативме беше поттикнат од нашата желба да докажеме дека преку заедничката страст кон танцот, сите учесници умеат да ги негуваат меѓусебната почит, толеранција и размена на културни вредности, со што се градат мостови помеѓу различните нации и традиции. Оваа манифестација го прави токму тоа; ја потврдува силата на танцот, кој како универзален јазик ги поврзува луѓето на глобално ниво, изјави Трајче Петковски, организатор на настанот и основач на „Брејк а Лег“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.