Во новото издание од „Нешто конкретно“, со оглед на периодот во кој се наоѓаме и насекаде околу нас слушаме ветувања, на гостите им беше поставено прашањето во што да веруваме и дали ни остана нешто на кое можеме да се потпреме?

Војо Иванов, како претставник на оние што се дружат повеќе со животни отколку со луѓе, објаснува ошто поголема доверба во животното отколку во човекот, а друштво ќе му прават доц. Викторија Трајков, Ивона Јо и отец Бобан Митевски.

Според Иванов, не важи правилото ако ги сакаш животните автоматски си добар човек, а во вода, според неговото животно искуство, паднала и мислата дека ако животното сака некој човек значи тој е добар човек. Вели дека на децата посетители во Зоолошка градина, што се плашат од змиите, знае да им каже: „Доста се плашите од животни, плашете се од луѓе, луѓето знаат да глумат“.

Викторија Трајков, пак, верува дека битолчанка никогаш не може да стане скопјанка, вели „ние не се даваме, посебен вид сме што живееме на таа страна од Македонија“. Таа има поставено ѕид околу себе и не му верува секому, малкумина се оние што ја знаат вистинската Викторија, тврди дека затвореноста, односно одбранбениот ѕид што го поставила околу себе повеќе и помогнал во животот отколку што и наштетил.

Ивона Јо, исто така, тешко верува на луѓето, а таа лекција ја научила од професијата со која што се занимава. Таа повеќе би му поверувала на волк отколку на свој противник, простува само за себе, не за другите, затоа што само така го добива сопствениот мир, таа изјави дека дури откако им простила на сите почнала да го живее тој сопствен мир.

Отецот Бобан вели дека првиот контакт со човекот е важен за да знаеме дали може да му веруваме и да му се отвориме, но тоа не значи дека не можеме и да се излажеме со тој впечаток на доверба што наводно сме ја стекнале.

Тој открива и што мисли за суеверието дека ако свештеник ти го пресече патот, ќе те прати лоша среќа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.