Со повеќе содржини од 8 до 10 септември Охрид ќе биде центарот на спортот и забавата во рамки на првиот Охридски фестивал на виното и одржувањето на 60. јубилејно издание на Охридскиот пливачки маратон.
Градоначалникот Кирил Пецаков денеска на прес-конференција заедно со организаторот на Винофестот Пане Темов и координаторот на организацискиот одбор на пливачкиот маратон Ристе Јанкоски информираа за дел од содржините, ветувајќи одлична забава за охриѓани и гостите.
Многу содржини и настани во овие четири дена кои ќе привлечат многу гости и туристи и се надевам дека ќе биде пример како за наредното лето би се организирале, можеби не во истиот период, малку порано, да имаме доста настани и содржини со коишто ќе привлечеме гости токму кога привршува туристичката сезона, рече Пецаков.
Охридскиот фестивал на виното ќе почне в четврток на „Кеј Македонија“, а ќе трае до сабота, додека в сабота ќе се одржи и традиционалниот Охридски пливачки маратон на 25 километарската патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште.
Уште една содржина која ќе го збогати викендот е ракометниот натппревар меѓу екипите на Охрид и Прилеп, по што следува и последната вечер на Винофест во Охрид. И во недела како надолнување на тој продолжен викенд од четири дена исполнет со содржини и понуда за сите туристи и охриѓани е организација на Суперкупот во ракомет меѓу екипите на Вардар и Пелистер за кои исто така сме горди како град што првпат го организираме, нагласи Пецаков.
На Охридскиот фестивал на виното, според Темов, ќе учествуваат 10-тина македонски винарии и неколку увозници на вино. За забавата ќе бидат задолжени охридските бендови „Камелеон“ и „Бекдор бенд“, а настапи ќе имаат и Ѓоко Танески, Дј Винофест, Фолтин, Александар Јосифовски, Ареа, Наум Петрески, Нина Јанева и Супехикс.
Се надевам на голема понуда на вино, да може да се проба да се дегустира. Се надевам дека охриѓани и гостите ќе уживаат во нашата програма и нашата замисла и вината што ќе може да се пробаат на Фестивалот, истакна Темов.
Според него, кај винариите одамна постоел интерес за таков фестивал, посочувајќи дека сегашниот термин не е соодветен поради бербата на грозјето.
Во Охрид е потребен еден можеби и поголем фестивла од „Виноскоп“ во Скопје, бидејќи винариите од соседството сакаат да дојдат во Охрид, рече Темов.
Во сабота пак, со почеток во 10 часот ќе се одржи 35-тото возобновено издание на Охридскиот пливачки маратон на патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри. На манифестацијата, како што информираше координаторот Ристе Јанкоски, пријавени се осум пливачи од пет земји.
Во склоп на маратонот планирани се и дополнителни содржини, кои ќе се одржат оваа година со цел да го вратиме неговиот сјај. В четврток на плоштадот кај Долна Порта ќе има презентација на сите пливачи, изложба на стари фотографии од минатото и проекција на документарниот филм „Охридски пливачки легенди“. Филмот и изложбата ќе може да ги погледнат децата од основните и средни училишта в петок во центарот за култура „Григор Прличев“. В сабота покрај пливачкиот маратон имаме предвидено и работилница заедно со децата од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и УНДП на тема „Заедничките перспективи, младите за Охридското Езеро“, појасни Јанкоски.
Според него предвидена е и културна програма, со концерт на ансамблот „Билјана“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.