Од Санторини на Акропол, од Акропол низ атинските улици, преку Министерството за одбрана, Грчкиот олимписки комитет и Олимпискиот стадион – олимпискиот оган откако во вторникот беше запален во античка Олимпија го продолжува штафетното патување низ Грција, за во петок и официјално да им биде предаден на организаторите на ЛОИ „Париз 2024“, јави дописничката на МИА од Атина.
Доцна синоќа, огнот од островот Санторини со траект пристигна на атинското пристаниште, а оттаму беше пренесен на Акропол, каде што остана во текот на ноќта.
Утрово, кусо по 7.30 часот на петтиот ден од штафетното пренесување, олимпискиот оган од Акропол, со повеќе попатни станици низ Атина се упати кон античкиот град Делфи, а оттаму и кон Волос и Ламиа.
Лошите временски услови и дождот што речиси континуирано врнеше на целата рута низ Атина, не претставуваше проблем за учесниците во штафетното предавање, а на Акропол беа поздравени и од туристите кои случајно се најдоа таму.
– Каква коинциденција! Ние дојдовме за да го видиме Акропол и воопшто не знаевме дека има вакво нешто. Убаво искуство во секој случај да се види и Олимпискиот пламен, рекоа во разговор со дописничката на МИА од Атина три девојки од САД кои чекаа да дојде осум часот за да се отвори Акропол, но имаа можност одблиску да го видат и огнот за ЛОИ.
Со сличен став беа и други туристи од различни земји од светот, кои не го криеја нивното позитивно изненадување и задоволство.
Олимпискиот оган, продолжи до Музејот на Акропол, оттаму низ атинските улици, помина пред античкиот олимписки стадион Панатенаик и со повеќе попатни станици стигна до Министерството за одбрана на Грција каде што се одржа и мала манифестација.
Денешното патување низ Атина, огнот го продолжи до Грчкиот олимписки комитет, Олимпискиот музеј, Олимпискиот стадион и се упати кон античкиот град Делфи, Ламиа и Волос каде што ќе ја помине ноќта.
Во текот на утрешниот ден ќе пристигне во Солун за да ја помине цела северна Грција и западна Грција, за во петок повторно да се врати во Атина.
Олимпискиот оган за 11 дена, ќе помине 5.202 километри и 563 наутички милји, а во петок, на 26 април во Атина на свечена манифестација отворена за јавноста на стадионот Панатенаик ќе биде предаден на Организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз.
Манифестациите во Грција, како палењето, така и штафетното пренесување низ земјата и предавањето на организаторите во Атина, по пауза од четири години ќе се одржат регуларно, со оглед на тоа дека во октомври 2021 година и март 2020 година поради пандемијата сите свечености беа без публика, а олимпискиот оган за Зимските олимписки игри „Пекинг 2022“ и Летните Олимписки игри „Токио 2020“ од Атина замина без штафетното да патува низ Грција, туку директно им беше пренесен на домаќините.
Летните Олимписки игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.