Орбитерот „Марс експрес“, што ѝ припаѓа на Европската вселенска агенција (ЕСА) објави нови фотографии од Марс.

Сателитот орбитира околу Марс од 2003 година, а во април испрати фотографии од огромната рамнина Утопија Планитија, која се наоѓа во поголемата област Утопија, на северната полутопка на „Црвената Планета“.

Рамнината е двојно поголема од Земјината пустина Сахара и е претежно покриена со мраз.

Најновите снимки испратени од орбитерот „Марс експрес“ на ЕСА покажуваат две бразди во кората на Марс кои се дел од моќниот систем на кањонот Валес Маринерис – соопшти ЕСА.

Валес Маринерис е споредуван со американскиот Голем Кањон, со тоа што САД се многу помали од Марс. Овој кањон е долг вкупно 4.000 километри, широк 200 километри и длабок до седум километри, што значи дека е десет пати подолг, 20 пати поширок и пет пати подлабок од Големиот Кањон. Всушност, Валес Маринерис се смета за најголемиот систем кањони во Сончевиот систем и се верува дека е формиран со одвојување тектонски плочи.

На новите фотографии јасно се гледаат два кањони од западот на Валес Маринерис, лево (југ) е Харизма со должина од 840, а десно (север) е Титониум Часма долга 805 километри. Фотографиите со висока резолуција ја прикажуваат површината подробно, па можно беше да се дознае и колку се длабоки кањоните – околу седум километри.

Сликите покажуваат и други карактеристики, вклучително и песок што можеби дошол од блиското вулканско подрачје Тарсис, планинска верига што се издигнува до 3.000 метри височина, а содржи сулфатни минерали и тука имало неодамнешно лизгање на земјиштето. Фотографиите беа објавени во различни бои и нијанси, а секоја покажува различни одлики на богатата површина на планетата.

Орбитерот претходно откри и ледени езера под површината на Марс, а ЕСА очекува уште повеќе од своето софистицирано летало.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.