Климатските промени не треба да ги спречат младите да имаат деца, а светот ќе престане да расте, ама уште не знаеме кога, има некои предвидувања дека тоа ќе се случи 2060, 2080 или 2100 година. Иако уште не сум родител, забележувам дека кај младите има анксиозност кон иднината заради климатските промени. Тоа е големото прашање на нашето време. Но, тоа не треба да биде причина да се нема дете. Бројот на жители на Земјата не го детерминира директно степенот на климатски промени, смета Кристијан Фидановски, докторанд по социјални политики на Универзитетот Оксфорд.

Тој синоќа говореше на третата отворена С(ц)иеста која ја организираше Фондацијата „Кантарот“. Темата на дискусијата беше „Дали пронаталитетските држави се пронаталитетски на ист начин?“, а ја модерираше професорот Никола Стиков.

Дали е етички денес да се има дете, го праша Стиков Фидановски, кој објасни дека стравот поврзан со климатските промени не е валидна причина за се нема дете. Но, се поставува прашањето дали државите сакаат да имаат деца?

Светот ќе продолжи да расте. Но, тој расте многу бавно, постепено. Доаѓа време кога ќе почне да опаѓа. Експанзијата почнува кон крајот на 19 и прва половина од 20 век и во 1968 година ја достигнува најголема брзина. Но, како што светот се развива, наталитетот почнува да опаѓа. Бројките се високи само во земјите во развој. Во Западна Европа населението веќе е доста старо, а во таа насока оди и Источна Европа. Така, полека треба да се префрламе од загриженост поради преголема населеност, кон грижа поради брзото стареење на населението, објаснува Фидановски.

Според Фидановски, наталитетот, морталитетот и миграцијата се најважни елементи што го диктираат бројот на светското население. Во моментот просечна стапка на наталитетот во светот е 2,4. За да се одржи константен број жители на планетата потребно е 2,1 деца по семејство. Во Источна Европа, вклучително и во Македонија, стапката на депопулација се засилува и поради високиот процент на иселување.

Дали во 2060, 2080 или 2100 година, цело наследние на планетата ќе почне да се намалува. Уште не знаеме точно кога ќе се случи тоа. Дотогаш бројот на населението во Африка и Азија ќе продолжи да расте. Од едно до друго место има огромни варијации. Во моментот најнизок наталитет има во Јужна Кореја и Јапонија, каде просечната стапка е под 1, вели Фидановски.

Беше спомнато дека во време на пандемијата од ковид-19 во светот се родиле 15 милиони бебиња помалку, а според некои проекции 20 милиони луѓе починале.

Големи варијации има во Европа, посебно во Источна Европа. Франција традиционалноо има висок наталитет, исто и Велика Британија. Италија, Шпанија и Источна Европа се со најниски стапки на наталитет, главно поради политиките. Иако со оглед на ниските стапки на наталитет и во Јужна и во Источна Европа, многумина би очекувале пронаталитетски политики и во двата региони, такви има многу повеќе во Источна Европа, вели Фидановски.

Фидановски говореше и за политиката „Трето дете“ во Македонија. Според него, од оваа мерка се родени помеѓу 1.000 и 2.000 деца.

Оваа политика во Македонија 10 години беше на сила, а бројот на трети деца е незначително зголемен. Пред 2009 година имало тренд на опаѓање на бројот на трети деца, па со политиката на трето дете малку е зголемен, од минус станал плус. Но, од оваа мерка се родени само околу 1000 до 2000 деца повеќе и таа се однесува исклучиво на трето дете. Не влијаела на прво или на второ дете, а севкупно била неисплатлива, вели Фидановски.

Докторандот по социјални политики на Универзитетот Оксфорд смета дека пресудно да се обезбеди општество во кое човекот ќе се чувствува удобно да живее и да сака да има деца.

Ако некој се исели од својата земја во репродуктивна фаза, ќе има деца надвор и неговите деца ќе имаат деца надвор, завршува Фидановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.