Покајана грешничка. Родена е како незнабошка во Антиохија. Од Бога имаше голем дар на телесна убавина, а ја употребуваше за погибел на својата душа и на други. Со блуд се имаше збогатено многу. Минувајќи еднаш покрај црквата на Светиот маченик Јулијан, во која проповедаше епископот Нон, таа намина во црквата и ја слушна проповедта за Страшниот Суд и казната за грешниците. И овие зборови толку ја потресоа и изменија, што одеднаш се згнаси од себеси, се исплаши од Бога, се покаја за своите нечисти гревови и припадна пред Св. Нон со молба да ја крсти. „Смилувај се на мене, грешната, и крсти ме и научи ме на покајание; јас сум море од беззаконија, амбис на пропаста, мрежа и орудие ѓаволско.“ Така го молеше оваа покајничка со солзи Христовиот архиереј. И тој ја крсти. На Крштението ? беше кума блажената Романа, ѓаконисата на оваа црква, којашто потоа како нејзина духовна мајка добро ја утврди во христијанската вера.
Но Пелагија не беше задоволна само со Крштението. Чувствувајќи ја тежината на своите многубројни гревови и при голема грижа на совеста, се реши на голем подвиг. Своето огромно богатство собрано со грев им го остави на сиромасите и тајно отиде во Ерусалим, каде што под машко име, како монах Пелагиј, се затвори во една келија на Елеонската Гора и почна тежок подвиг на пост, молитва и бдеење. По три години ја посети ѓаконот на Св. Нон, Јаков и ја затекна с ? уште жива, но кога по неколку дена повторно ја посети, го најде нејзиното тело мртво и чесно го погреба. Св. Пелагија се упокои околу 461 година. Така оваа некогашна грешничка со покајание и ревност Го смилостиви Бога, доби прошка за гревовите и се освети. Нејзината очистена и света душа се удостои со Царството Божјо.
Тропар
Од темнина изведи ја душата моја – повикуваше о, ти славна мајко Пелагијо кон Небесниот Женик твој Христос, Он те поведе во познание, те улови со словото на благодатта преку Црквата – сите отци кои сведочат за Него со своите примери на живот врлински. Моли се, света подвижничке, да го здогледаме сјајот на сонцето во изобилие, колку ти што го виде од твоето мало прозорче.
Преподобна Таиса
Покајана грешничка. По раѓање Мисирка. Како Св. Пелагија и Таиса ја помина младоста во разуздан блуд. На тој зол пат беше упатена и од нејзината бесрамна мајка. Но Бог Којшто е милостив и не ја сака смртта на грешниците ниту нивната пропаст туку спасението, најде начин со Својата чудесна Промисла да ја спаси грешната Таиса. Еден од учениците на Св. Антониј Велики, Пафнутиј Сидонит, слушна за Таиса, за нејзиниот грешен живот и за душевниот отров со којшто таа им ги труеше душите на многумина, па реши, со Божја помош, да ја спаси. Пафнутиј се преоблече во световна облека, зеде еден златник и отиде в град, ја најде Таиса и ? го даде златникот. Мислејќи дека човеков ? го дава златникот за нечисто дело, Таиса го одведе Свети Пафнутиј во својата соба. Тогаш тој ги отвори своите благодатни усни и ги изобличи нејзините гревови и ја повика на покајание. Душата и совеста на Таиса се разбудија и таа се облеа во солзи на длабоко срдечно покајание. Го раздаде сиот свој имот на бедните, според упатството на Св. Пафнутиј се упати во еден женски манастир и остана таму три години, затворена во една келија, живеејќи само на леб и вода. Пред смртта ја посети Св. Пафнутиј и наспроти нејзината волја ја изведе од келијата. Таа набрзо се разболе и по кратко боледување Му ја предаде својата очистена и осветена душа на Бога. Светиот Павле Препрости, којшто е исто така ученик на Св. Антониј Велики, ја виде во видение прекрасната обител приготвена од Бога во Рајот за Св. покајничка Таиса. Оваа света душа се упокои во 340 година.
Тропар
Благословен си, Господи, Боже на нашите отци, Кој долеваш благодат во кандилото на оние кои се каат, а ти Таисо преподобна мајко, која го искуси жарот на паднатоста, но со покајание и мирисот на опростувањето. Моли се за нас раслабнатите по твоите свети молитви трезвеноумие и спасение во Христа Бога да стекнеме.
Светата маченичка Пелагија
Девица од угледен род во Антиохија. Во времето на царот Нумеријан, антиохискиот началник испрати војници да ја доведат пред судот Пелагија, како прочуена христијанка. Војниците ја опколија куќата и ја предизвикаа Светата девица на вратата. Таа им се јави и кога слушна дека дошле за да ја изведат на суд се правеше весела, па им рече да ја причекаат само еден миг-два да се качи за да се преоблече. Потоа се качи на покривот од куќата, ги крена рацете кон небото и долго Му се молеше на Бога да ѝ ја прими душата и да не допушти да се оскверни нејзината девствена чистота. И Бог ја прими нејзината душа, а телото падна мртво пред војниците. „Нејзината смрт“, пишува Св. Јован Златоуст, се изврши не како природен пад, но на заповед Божја, па продолжува: „И така, ова девствено и од секое злато почисто тело лежеше на земја, го опкружуваа ангелите, го почитуваа архангелите, а Самиот Христос беше крај него“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.