По исказот даден пред истражен судија, поранешниот голман на грчкиот фудбалски клуб Волос и на израелската репрезентација Борис Клејман, кој во вторникот беше уапсен под обвинение дека во ноќен клуб во Атина силувал малолетничка е ослободен со кауција од 20.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, Клејман рекол дека конкретната вечер во клубот „немало ниту насилство, ниту силување“, а со 17-годишната ученичка од Белгија само танцувале и ништо повеќе.

Додал дека неговиот став ќе го оправдаат и резултатите од вештачењата и споредбата со примерокот од генетскиот материјал.

Голманот во вторникот наутро бил уапсен во Атина и се товари за силување на малолетничка и поседување дрога откако кај него биле пронајдени и одземени 1,5 грама хероин.

Веднаш по апсењето од ФК Волос, каде што 33-годишниот беше голман, соопштија дека со одлука на претседателот на клубот, Борис Клејман и неговиот соиграч Родриго Есковал се изоставени од тимот, започнат е процесот за раскинување на нивните договори и веќе биле информирани нивните менаџери.

Извор: МИА


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.