Моето презиме доаѓа од Кавадарци, вели професорот Џемал Кафадар од Харвард универзитетот. Во разговор за МИА крај реката Луда Мара, во градот на грозјето и виното, Кафадар зборува со многу носталгија за корените на фамилијата.

Мајка ми како дете ме успиваше со македонски песни. Никогаш нема да го избришам од моите сеќавања нејзиниот топол глас кога пред заспивање ми ја пееше својата омилена „Докторе, глава ме боли“. Во мојата фамилија отсекогаш се говореше македонски, како и во многу други семејства, раскажува професорот, Турчин чии корени се од земјава.

Кафадар е стручњак по отоманска историја, а се сретнавме во Кавадарци, каде што беше во потрага по сопствените корени. По мајка потекнува од мариовска фамилија, а татко му бил од свештеничката лоза Катиповци. Додека живееле во Кавадарци саделе главно тутун и афион, а подоцна во Турција семејството на татко му се бавело со трговија.

Роднините по мајка се преселиле кај Бурса и таму произведувале зејтин. Соседите главно им биле Турци, дојдени од Македонија. Човекот чиешто презиме многу потсетува на името на градот Кавадарци, во Македонија беше дојден на конференција за отоманска историја во Скопје.

Дедо ми по татко заминал од Македонија во 1913 година. Мајка ми, пак, била бебе од само 40 дена кога во 1926 нејзините родители решиле да ја напуштат Македонија и да заминат за Турција. Морале да заминат под притисок на тогашната српска власт. Сите пари што ги добиле од продажбата на имотите, ги сокриле во пелените на мојата мајка и така ги пренеле преку граница. Уште од најмала возраст ми зборуваа за Македонија и за нејзината убавина. Во детските приказни што ми ги раскажуваа секогаш имаше место за родното огниште. Во тие приказни беа градовите и селата од Тиквеш, личности и фамилии, месности од Демир Капија до Градско. Моја животна желба беше да ги посетам родните краишта на моите предци. Редовно ги посетував во моите соништа. Кога доаѓам во Кавадарци тие мои соништа стануваат стварност, а ова ми е трет пат како доаѓам тука во посета, со емоции говори Џемал Кафадар.

МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.