Советот на ЕУ денеска усвои две регулативи со кои се предвидува постепена забрана на емисиите на гасови што содржат флуор, како флуоројаглеводородите, перфлуоројаглеродите и сулфур хексафлуоридот, но и на другите супстанции кои придонесуваат за глобалното затоплување и ја осиромашуваат озонската обвивка.

Иако постојното законодавство на ЕУ, како што јави дописникот на МИА, веќе значително ја ограничи употребата на овие гасови и супстанции, новите правила дополнително ќе ги намалат нивните емисии во атмосферата и ќе придонесат за ограничување на растот на глобалната температура, согласно обврските од Парискиот договор за климата.

Според министерот за животна средина, клима, хигиена, енергија и партиципативна демократија во Владата на Регионот Брисел, Ален Марон, многу производи што ги користиме во секојдневниот живот, како фрижидерите или клима уредите, работат благодарение на „исклучително штетни материи кои ја поткопуваат животна средина“.

– Новите правила што ги усвоиме воведуваат јасни забрани и ограничувања за таквите штетни материи, истовремено поттикнувајќи го развојот на одржливи алтернативи за заштита на здравјето на луѓето, изјави Марон.

Тој воедно им се заблагодари на претходните претседавачи со ЕУ, Чешка, Шведска и Шпанија, за, како што рече, нивната непроценлива работа за усогласување на оваа клучна легислатива, чија цел е „да ја доближат ЕУ до постигнување на нејзините амбициозни климатски цели“.

Со првата Регулатива се предвидува етапно воведување на целосна забрана на користењето на гасовите на база на флуор до 2050 година во фрижидерите, клима уредите, топлинските пумпи, среднонапонските и високонапонските разводни уреди, пените и аеросолите.

Регулативата исто така предвидува и одредување на ефикасни, технички изводливи и доволно достапни алтернативи за замена гасовите со флуор до 1 јануари 2030 година, по што до 2040-та Европската комисијата треба изврши оценка на изводливоста на целта за целосна забрана на овие супстанци до 2050 година.

Втората регулатива предвидува речиси целосна забрана за користење на супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка, со строго ограничени исклучоци, како што се процесни агенси, при лабораториски услови и за заштита од пожари на воена опрема и авиони.

Двете регулативи ќе стапат во сила20 дена по објавување во Службениот весник на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.