Овен

Ако сте во врска:

Овој месец нема да доживеете драстични промени во љубовта, освен во последната недела од април, кога ќе бидете ставени пред свршен чин и ќе морате да бирате помеѓу работата и љубовта. На што ќе се посветите попрво? Може да ве мачат и некои дилеми околу партнерот и малку повеќе ќе се преиспитувате во емотивна смисла. Љубовта и логиката ќе се испреплетат, но сепак повеќе ќе се водите по разумот, посебно ако почнете да се сомневате во намерите на партнерот. Искористете го првиот дел од месецот за патувања и авантури, бидејќи кон крајот може да надојдат проблемите.

Ако сте сингл:

Слободните Овни без размислување ќе го искористат почетокот на месецот за влегување во убава љубовна авантура или врска. Доколку се гледате со некого без обврски, можно е да се родат посериозни чувства, но ќе ви се јават некакви сомнежи. Оние пак, на кои љубовта досега им беше невозвратена, може да сфатат дека сепак чувствата се обострани, но ќе мора да го направат првиот чекор, наместо да чекаат љубовта да падне од небо.

Бик

Ако сте во врска:

Иако вообичаено сакате да ги држите конците во раце и да преземате иницијатива, овој месец сте премногу толерантни и чекате до недоглед партнерот да се одлучи или барем да ви навести какви му се плановите. Тоа може уште повеќе да ви ги отежни работите со оглед на тоа што можно е да запознаете некој што ќе ви ги симнува ѕвездите. Немојте да седите на две столчиња, ставете го партнерот под притисок и одлучете во која насока ќе ја водите врската.

Ако сте сингл:

Слободните Бикови ќе го искористат овој период за патувања, а можно е да доживеат по некоја љубовна авантура со личност која ќе им го „зароби“ срцето. Многу припадници на овој знак ќе водат долги разговори со интересни личности преку социјални мрежи, но со тек на време ќе сфатите дека односот не е одржлив. Крајот на месецот ќе ви го одбележи поранешна љубов која ќе ви се врати во животот, но ако не сте сигурни, не се впуштајте во тоа. Ова е тест период за вас. Излегувајте, не знаете кого може да запознаете.

Близнаци

Ако сте во врска:

Партнерот овој месец ќе биде исклучително внимателен и ќе ви покаже колку му значите. Иако го цените тоа, сепак вашиот однос може да биде со доза на непочитување, бидејќи не сте задоволни од начинот на кој управува со финансиите. Имате многу прашања кои треба да ги решите за да се ослободите од товарот и да продолжите понатаму да се посветувате на љубовта. Доколку ги ставате работите под тепих, ќе дојде до незадоволство од двете страни и ве очекува нестабилност во односите.

Ако сте сингл:

Слободните припадници на овој знак може да паднат во искушение да почнат да се гледаат со некој што веќе е зафатен и сака афера без обврски. Чувството на вина ќе ве „изеде“, па внимавајте и подобро не се впуштајте во таква игра. Паднато ви е нивото на самодоверба и мислите дека никој не ве сака. Но, токму личност од вашето опкружување може да ви покаже суптилно дека има симпатии кон вас. Отворете ги очите и не си ги затворајте вратите за љубов предвреме.

Рак

Ако сте во врска:

Имате потреба од повеќе страст во врската, а партнерот како постојано да ве избегнува. Жените во оваа ситуација премногу се наметнуваат и може да кажат работи што не треба, додека пак мажите во овој знак, ќе избегнуваат секаков тип на комуникација. Емоциите може да ве преплават, посебно оние забранетите. Ќе се појави трета личност која ќе ви ги окупира мислите и ќе ви го преврти светот наопаку, а вие водени од страстите кои ви се во недостиг, може да ја направите најголемата грешка.

Ако сте сингл:

Немате многу доверба во личноста која ви се допаѓа и тоа ве спречува да покажете иницијатива за следен чекор. Потребен ви е сериозен доказ дека ви е наклонета и дека со сигурност сака нешто со вас. Не можете да чекате вечно. Одлучете се дали ќе се впуштите во ризична авантура или ќе продолжите по својот пат, сингл. Исто како за зафатените, така и за слободните Ракови, очекувани се грешки во љубовта, па не губете многу време во пресметки – веројатно срцето ќе ве прелаже.

Лав

Ако сте во врска:

Овој месец може да ве надвладее некое чувство на монотонија и нерасположеност и времето повеќе да го поминувате затворени. Многу претставници на овој знак ќе имаат проблеми со комуникацијата со партнерот токму поради овие промени во расположението. Владее обострано незадоволство во врската, а можеби ќе ви годи малку да се одвоите, односно да си дадете простор за себе. Средете си ги мислите и со ладна глава, кога ќе бидете во добрите денови, разговарајте отворено за работите што ве мачат. Откријте ги тајните што ги криете.

Ако сте сингл:

И кај слободните Лавови променливото расположение ќе влијае на познанствата. Импулсивни сте и може да направите нешто и да кажете работи за кои подоцна ќе се каете. Пребирливи сте во изборот на луѓе со кои сакате да се дружите и да излегувате. Средината на месецот не е поволен период за влегување во авантури, бидејќи за брзо ќе бидат прекинати и тоа на не баш добар начин. Следува турбулентен период, во кој ретко кои Лавови ќе успеат да ја пронајдат сродната душа.

Девица

Ако сте во врска:

Ќе имате преголеми очекувања од партнерот кој ни сам не знае што сака. До средината на месецот тензијата ќе кулминира и ќе дојде до напнатост во љубовните односи. Љубомората, посесивноста и контролирањето ќе станат почеста појава и ќе ви го отежнуваат секојдневното функционирање. Тоа ќе ве натера да разговарате и од корен да ги решите проблемите, а до крајот на месецот, партнерот ќе ви стане најголема поддршка. Иницијативата се очекува од вас.

Ако сте сингл:

Не се вложувајте премногу во несериозните врски во кои ќе влезете периодов, бидејќи ќе се разочарате од карактерот на партнерот. Ќе владее силна енергија, а страстите ќе бидат зајакнати, па лесно може да се впуштите во некој забранет флерт или врска. Важно е работите да ги правите затоа што така сакате, а не за инает, од бес, слабост или за некому да докажете нешто. Правете прв чекор, бидејќи другата страна се очекува да биде прилично срамежлива.

Вага

Ако сте во врска:

Ве очекуваат затегнати и напнати односи, заради семејни прашања и проблеми кои ќе избијат во прв план. Ќе ви остане многу малку време и простор за љубов и романтика, бидејќи повеќе ќе работите на партнерство. Од вас се очекува да покажете желба за соработка и флексибилност, бидејќи ова не е време за мерење љубов и его, туку за договори. Ве загрува промената во комуникација, иако сте уверени дека партнерот ви е лојален. Се работи за фаза, не замерувајте предвреме.

Ако сте сингл:

Месецов сè е во знакот на меѓусебна поддршка, па може да воодушевите некого ако се понудите со помош и поддршка во врска со некој проблем на личноста што ви се допаѓа. Не се откажувате од обидот да ја заинтересирате личноста за себе. Но, до крајот на месецот може да бидете во дилема дали да влезете во врска, бидејќи разумот ќе ви ги помати плановите.

Скорпија

Ако сте во врска:

Постои опасност врската во којашто сте, полека да стане пријателска, без страсти. Крајот на месецот ќе донесе разрешница на оваа дилема. Се борите да направите промени и да ја вратите страста и искрите во меѓусебниот однос. Разговарајте отворено за проблемите на кои наидувате и не дозволувајте да се ставаат работи под тепих. Може да дојде до експлозија од негативни емоции и работите да станат посериозни. Решавајте ги чекор по чекор.

Ако сте сингл:

Кај слободните Скорпии, ситуацијата е обратна од кај зафатените. Кај вас пак, можно е пријателските емоции да се развијат во нешто повеќе. Размислете во која насока сакате да ви се одвиваат односите и дали вреди да го расипете пријателството или сепак очекувате голема и вечна љубов. Некој кој не живее тука, а со кого повремено се гледате, интензивно мисли на вас и ви го следи секој чекор преку познаници или на социјални мрежи. До крајот на месецот треба да донесете одлука за да не изгубите на два фронта.

Стрелец

Ако сте во врска:

Во текот на овој месец се зајакнуваат страстите во врската, но пожелно е да не дозволите да дојде до експлозија на емоции. Тактизирајте во комуникацијата со партнерот, посебно ако знаете дека има некои семејни проблеми или дека не е во добри односи со некој од блиските. Вториот дел од месецот ќе биде попријател и ќе бидете поподготвени за компромиси и заеднички договори. Месецот е многу важен затоа што многумина ќе ја официјализираат врската, но може и да сфатат дека веќе не се еден за друг.

Ако сте сингл:

Слободните припадници на овој знак, во април може да запознаат некого на некој деловен настан, но можни се и искри со колега/колешка. Некои луѓе кои премногу притискаат во односот со вас и нападно флертуваат ќе ви одат на нерви и нема да можете да ги скриете реакциите. Но, доколку некој ви се допаѓа, нема да успеете да ги избегнете погледите и брзо ќе бидат откриени вашите намери. Ве очекува интересен месец на љубовен план.

Јарец

Ако сте во врска:

Љубовниот живот ќе ви стане малку хаотичен и турбулентен, посебно ако сте во брак. Замените ги расправиите со страсти и не ја доживувајте секоја изрека на партнерот, како некоја закана. Бидете посмирени и дослушувајте добро, имајте повеќе разбирање. Излегувајте почесто со партнерот, но и заеднички со друштвата. Активирајте се повеќе, направете промени во секојдневието, можеби ќе ви годи.

Ако сте сингл:

Ќе бидете прилично активни на места за забава, спортски настани и модни случувања, па се очекува уште на почетокот на месецот да запознаете некоја интересна личност. Без да бидете свесни, ќе сфатите дека сте многу поврзани, и тоа преку многу блиски луѓе – светот е навистина мал. Ќе се распрашувате по луѓето за оваа личност, но иако е во ред да земете предвид некои факти, слушајте си го срцето и разумот. Секој со секого е различен.

Водолија

Ако сте во врска:

Месецов емоциите ќе бидат многу ослабнати, а страстите речиси непостоечки. Некој ќе се обиде да ве заведе на неочекувано место или начин, но нема да дозволите да си ја уништите врската и покрај тоа што односите се заладени. Се борите со препреките, а до крајот на месецот љубовта конечно ќе се придвижи во насоката во којашто сакате. Можни се проблеми со поширокото семејство, не дозволувајте да ви ги нарушат односите кои и така се на стаклени нозе.

Ако сте сингл:

Некој упорно пробува да ве заведе на секој можен начин, но вие не сте заинтересирани за таа личност и ќе ви треба време за отворено да го кажете тоа, а дотогаш ќе се мачите со срамежливи избегнувања на средби. Доколку сепак успеете да влезете во некаква авантура со некоја личност, тешко ќе ја одржите бидејќи периодот не е погоден. Ќе бидете преокупирани со некоја ситуација во семејството.

Риби

Ако сте во врска:

Љубовта во овој месец се одвива токму онака како што ќе посакувате и како што ви одговара. Но, совршената љубовна идила може да биде накратко прекината од некоја личност која ќе сака да ви се вмеша во односите. Внимавајте мислите да не ве одведат во погрешна насока и да паднете на искушенија. Импулсивноста е нешто што ви е најмалку потребно сега. Со убави зборови и насмевка можете да постигнете повеќе од што мислите.

Ако сте сингл:

Ќе имате прилика месецов да влезете во страсна врска која нема да трпи ограничувања, па поставете се така уште од почеток. Ќе добиете неочекуван повик или порака од некој со кого често се гледате, но не очекувате дека има симпатии за вас, но вие не сте заинтересирани. Месецот и кај вас е во знакот на дуплите врски па можно е често да паѓате во искушенија, но ќе бидете одлучни на крајот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.