На 17ти Јануари во просториите на Едукативниот центар М6, се одржа интересен настан инициран од 11 Граѓански организации (СОС ДЕТСКО СЕЛО; Хуманост; Хера, Порака – Неготино, Кризен Центар Надеж, Отворена Порта, Монтесори, ХОПС, Инклузива, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености- Велес, и КРИК) кои се даватели на социјални услуги или работат во социјалната заштита, со иницијатива да формираат ‘’Формална мрежа на даватели на социјални услуги’’ за да го зајакнат своето делување и влијание во интерес на ранливите категории кои ги подржуваат со цел квалитетни и достапни социјални услуги во заедницата.
Настанот го поддржаа и високи претставници на меѓународни институции, како Г-нот Steffen Hudolin Head of Cooperation in the EU Delegation to North Macedonia, Г-ѓа Росана Дуџиак постојан координатор на ОН во Македонија и Г-нот Харолд Фугер , Аташе за социјални прашања на Австриското Министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите, кои учествуваа во панел дискусијата и ги охрабрија и им дадоа поддршка на граѓанските организации за остварување на оваа идеја.
На Панелот учествуваше државниот секретар при Министерството за труд и социјална политика, Г-дин Флакрон Беџети кој ја потврди важноста на работата и улогата на граѓанските организации, посебно после просецот на деинституционализација и социјалните реформи како дел од Националната стратегија Тимјаник чија имплементација е спроведена повеќе од 70%. Овие промени овозможија граѓанските организации да се вклучат во испорачување на социјални услуги– нешто што досега беше надлежност само на државата, и со своите искуства и експертиза да придонесат за развој на нови услуги важни за граѓаните но и да го подобрат квалитетот на постоечките. Денес 82 организации се даватели на социјални услуги со капацитет да опслужуваат над 3400 корисници, од кои 80% се поддржани со државни средства. Овие организации обезбедуваат услуги како: грижа за лица со попреченост, грижа на деца без родители и родителска грижа, лична асистенција, дневни центри, шалтер за поддршка на жртви трговија со луѓе, услуги на советување, итн.
На настанот се обратија и директорот за развој на програми на СОС Детско село г-дин Марио Јанчев и Елизабета Божиноска, програмска директорка од ХЕРА кои образложија зошто е потребно здружувањето во мрежа и зајакнатото делување на лиценцираните даватели на социјални услуги. Беше даден осврт на социјалната реформа која се темели на три клучни постулати и тоа децентрализација, деинституционализација и плурализација на системот на социјална заштита. Токму плурализацијата ја дава легитимноста за диверзификација на социјалните услуги од страна на недржавни даватели на социјални услуги и нивно здружување со цел да се зголеми влијанието и дијалогот помеѓу давателите на услуги и креирачите на политики, да се создаде поддржувачка средина за квалитетна испорака на социјални услуги во државата и да се обезбеди одржливост на постоечките социјални услуги, како и да се стимулира отворање на нови во региони каде има недостаток на социјални услуги.
Ова е неопходно, бидејќи имаме одговорност пред сите граѓани на оваа држава да работиме сплотено кон подобрување на квалитетот и достапноста на социјалните услуги и развојот на социјалната заштита во целост.
Главната порака на настанот беше дека денес се присутни 11 организации со надеж и цел дека наскоро оваа мрежа ќе порасне со 20, 50, 100 членки, силна и самоодржлива мрежа која ќе биде значаен чинител во системот на социјална заштита.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.