Изет Меџити, претседателот на новата партија Демократско движење најави дека неговата партија, заедно со Беса и со Алтернатива ќе имаат заеднички кандидат Албанец за нов претседател на Македонија.

Албанската опозиција во Македонија – Демократско движење, Движење Беса и Алтернатива, со отворена врата и за другите, ќе имаме наш кандидат за претседател, Албанец. Сè уште немаме име, но ова го имаме како определба. Според предвидувањата, може да помине и во втора рунда – изјави Меџити во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21.

Својот оптимизам тој го темели на фактот дека „од една страна е една силна ВМРО, а има и СДСМ паднат на земја“, заклучувајќи дека „ова е шанса за албанскиот кандидат“.

Меџити го оцени таканаречениот Европски фронт на ДУИ, сицилиски фронт гледајќи ги нивните постапки во последните месеци.

Ако гледаме што се случува со измените во Кривичниот законик, со ситуацијата во Будимпешта, со континуираното отворање на казина и брзи пари, кои се легално лихварство, овој фронт повеќе личи на сицилиски фронт – одговори Меџити на прашањето дали неговата партија ќе се приклучи на Европскиот фронт на Груби.

Меџити одговори и на обвинувањето на Зијадин Села дека го киднапирал пратеникот Кастриот Реџепи, велејќи дека Села треба да биде благодарен што Реџепи ја спаси европската интеграција на земјата, и го спречи Села да ја направи најголемата грешка во кариерата, што ќе значеше крај на неговиот политички живот, по коалицијата со Апасиев, рече Меџити.

Ако Кастриот беше киднапиран, по ослободувањето ќе се вратеше во својата партија, немаше да седи со мене и да го основаме ДД – рече Меџити.

Европскиот фронт е само фарса и дава празни ветувања за да го продолжи животот на Владата до следните парламентарни избори, рече Меџити.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.