Кошаркарите на ТФТ станаа деветтиот освојувач на Купот на Македонија откако во финалето го победија МЗТ Скопје со 80-66 и испишаа клупска историја. МЗТ скопје не успеа да дојде до 11. трофеј во Купот на Македонија.

ТФТ беше енергетски подобар од нас, имавме проблем со скокот, едноставно не успеавме да го спречиме нивниот најдобар скокач Смит. Второ имавме проблем со техничките на Дамјан, мислам дека беше пренагласено. Повеќе ја посакуваа победата, не успеавме да ја задржиме истата енергија. Во оние моменти кога се враќавме бевме непромислени, правевме грешки, некои играчи не се влезени во посакуваниот ритам. Во секоја случја им ја честитам победата на ТФТ, изјави Дарко Радуловиќ.

Дамјан Стојановски беше краток по мечот, потенцира дека заморот е една од причините за поразот во финалето.

На три меча не е возможно да се игра, бевме уморни, Мекиќ беше повреден. Затоа ова е натпреварувањето е специфично, не победува секогаш фаворитот. Не чека АБА 2-лига каде се бориме за пласман во следната рунда, а потоа домашното првенство, изјави Стојановски.

ТФТ одиграа одлично на сите три натпревари и заслужено се радуваат на големиот успех.

„Ги изненадивме сите со една одлична енергија. Никој не очекуваше ние да сме до тука, само ние самите, затоа и успеавме да дојдеме до оваа историска Куп-титула. Имавме мотивација, таа ни беше клучна. Издржавме машки, одигравме машки и задоволни сме. Сега ни следи лигата, одиме чекор по чекор, сакаме прво влез меѓу најдобрите, потоа ќе видиме што ќе ни донесе иднината“, изјави Андреј Маслинко.

Сега за ТФТ следат настапите во домашното првенство, исто така тука е и БИБЛ-лигата во која тафталиџани се пласираа во следната фаза.

За МВП беше прогласен Смит, кој имаше 12 поени и дури 17 скокови. Најефикасен беше Хортон, кој постигна 23 поени, а капитенот Костоски запиша 13 поени.

Во составот на МЗТ Скопје Рикиќ постигна 16 поени, Робев 12, Крстевски 11, а двоцифрен беше и Војдан Стојановски со 10.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.