Украинскиот претседател Володимир Зеленски, потврдувајќи ги неофицијалните информации, изјави дека размислува за смената на командантот на вооружените сили како дел од поширока смена во раководството.
Зеленски во интервју за италијанската телевизија РАИ, што беше објавено доцна синоќа, изјави дека размислува за смената на популарниот генерал Валериј Залужни, а украинска Правда денеска објави дека Зеленски размислува и за смена на началникот на Генералштабот Серхи Шаптал.
Тој кажа дека го разгледува тоа за да обезбеди земјата да продолжи да ја водат поединци „уверени во нејзината победа“ над Русија.
-Потребно е ресетирање, нов почеток, рече Зеленски и додаде дека не се работи за еден човек, туку за „правецот“ во кој оди раководството на државата.
„Размислувам за замена на голем број државни лидери… Ако сакаме да победиме, мораме сите да притискаме во иста насока, убедени во победата. Не можеме да бидеме обесхрабрени, да го спуштиме оружјето. Мора да имаме вистинска позитивна енергија“ додаде украинскиот претседател.
Ова е првпат Зеленски да ја признае можноста за смена на Залужни, што веќе предизвика бурни реакции во Украина и радување во Кремљ пред втората годишнина од почетокот на војната.
Залужни е многу почитуван меѓу војниците и се смета за национален херој заради забавувањето на руската инвазија во првите денови од војната и вешто потиснување на руските трупи.
Не е јасно кој би можел да го замени Залужни и дали неговиот наследник ќе ужива иста почит меѓу украинските војници и странските воени лидери. Неговото отпуштање би можело да предизвика пад на борбениот морал во критичен момент од војната, пишуваат американските меидуми.
Според информациите на украинските и западните медиуми, минатата недела Зеленски побарал од Залужни да поднесе оставка, но генералот одбил. Залужни досега не ги коментираше извештаите.
Тензиите меѓу двајцата лидери се зголемуваат поради разочарувачки слабите резултати од долгоочекуваната контраофанзива на Украина, што почна во јуни со помош на големото количество западно оружје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.