Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, разреши шестмина високи функционери по објавувањето на истражувачката новинарска сторија за корупцијата во власта.

Кирил Тимошенко, заменик-шеф на кабинетот на претседателот, ја загуби функцијата, кој самиот напиша писмо со оставка. Тој беше одговорен за обновувањето на териториите уништени од Русија за време на војната, а пред воениот конфликт ја надгледуваше програмата за „Голема градба“.

Во декември, Националната агенција за спречување на корупцијата започна истрага против Тимошенко. Ова се случи по објавата во медиумите за истрага за купување на најновиот модел на „порше тајкан“ од страна на службеник за 100.000 долари за време на воените дејствија. Покрај тоа, имаше информации дека Тимошенко го одзел џипот „шевролет тахо“, префрлен од „Џенерал моторс“ за хуманитарни потреби.

Новинарите исто така открија дека Тимошенко живее во 1.200 квадратни метри во една од елитните населбиво близина на Киев, а за Нова година на масата имало оброци од околу 2 илјади евра.

По Тимошенко, сам оставка поднесе Вјачеслав Шаповалов, заменик-министер за одбрана на Украина, кој беше одговорен за логистиката на вооружените сили на Украина. И тој ја напушти функцијата по истражувачката сторија во која се тврди дека Министерството за одбрана купува храна за војската по цени два до три пати повисоки од цените на мало.

„Изнесените наводи се неосновани“, соопшти министерството. Сепак, Шаповалов одлучи да ја напушти функцијата со цел „да не претставува закана за стабилното обезбедување на Вооружените сили на Украина како резултат на обвинувањата поврзани со купување на храна“. Министерството за одбрана неговата одлука ја нарече „достоен чин во традициите на европската и демократската политика, демонстрација дека интересите на одбраната се повисоки од какви било канцеларии или столчиња“.

Оставка поднесе и заменик-јавниот обвинител Алексеј Симоненко. Од Кабинетот на претседателот истакнаа дека тој е разрешен по негова желба. Претходно „Украинска правда“ напиша дека Симоненко заминал во шпанска Марбелја на новогодишната ноќ во автомобилот на бизнисменот и пратеник од Лавов, Григориј Козловски.

Писмо со оставка напиша и Иван Лукерја, заменик-министер за развој на заедниците и териториите на Украина. Тој, како и Тимошенко, беше одговорен за проектот „Голема градба“ и соработката со регионите. Според него, тој ја донел одлуката да ја напушти владата на почетокот на годината, но сега тоа „според политичките и бирократските околности“ се совпадна со серијата оставки во кабинетот на Украина.

Денеска беа разрешени уште двајца заменици-министри се разрешени како дел од „кадровските“ промени што синоќа ги најави Зеленски.

„На состанокот на Кабинетот на министри на Украина на 24 јануари беа донесени голем број кадровски решенија“, рече Олех Немчинов, министер во владата на Украина, на Телеграм.

Тој рече дека Вјачеслав Нехода, заменик-министерт за развој на заедниците и териториите на Украина, и Виталиј Музиченко, заменик-министер за социјална политика на Украина, се разрешени.

Отказите следуваат по она на Васил Лозински, вршител на должноста министер за развој на заедниците и териториите.

Украинското Министерство за инфраструктура во неделата соопшти дека Ложински е уапсен под сомнение за проневера. Тој не ги коментираше наводите.

Исто така, како дел од кадровските промени, Зеленски ги разреши шефовите на пет регионални администрации: шефот на регионот Днепропетровск, Валентин Резниченко, шефот на регионот Запорожје, Олександр Старук, шефот на регионот Киев, Олексеј Кулеба, шефот на регионот Суми, Дмитри Живицки и шефот на регионот Херсон, Јарослав Јанушевич.

Зеленски во вечерното обраќање ја објави одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина да им забрани на владините службеници да патуваат во странство на одмор. Тој најави и „кадровски решенија во врска со раководните лица на различни нивоа во министерствата и другите структури на централната власт и во регионите и во системот за спроведување на законот“.

Промените во владата на Украина докажуваат дека претседателот Володимир Зеленски „го гледа и го слуша општеството“, вели претседателскиот советник.

„Кадровските решенија на Зеленски сведочат за клучните приоритети на државата… Нема ‘затворени очи’“, напиша на Твитер Михаило Подољак, советник на шефот на Кабинетот на претседателот на Украина. „За време на војната, секој треба да ја разбере својата одговорност. Претседателот го гледа и слуша општеството. И тој директно одговара на клучното јавно барање – правда за сите…“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.