Руското Министерство за одбрана потврди дека завршени се заедничките поморски вежби на руската и на кинеската морнарица во Источното Кинеско Море.

„Одреди воени бродови на Тихооеканската флота и на воената морнарица на Народноослободителната армија на Кина ги завршија практичните задачи во рамките на билатералната поморска вежба“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Од Министерството се појаснува дека во рамки на маневрите биле увежбувани активности „како да се зароби непријателска подморница“.

„Бродовите на двете земји, со поддршка на противподморничката авијација, заеднички трагаа по подморница на договорениот непријател и испукаа салва од млазни длабински бомби“, се додава во соопштението. Објавена е и фотографија на која се гледаат руски и кинески бродови како пловат во формација во Источното Кинеско Море.

Вежбите се одржаа меѓу 21 и 27 декември, а беа наречени „Поморска интеракција – 2022“. Во поморските вежби што беа изведени во водите кај Џоушан и Тајџоу, во кинеската провинција Жеџијанг, беше вклучена и руската тихооеканска флота.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.