Западноафриканскиот блок ЕКОВАС е подготвен воено да интервенира во Нигер доколку не успеат дипломатските напори за поништување на воениот удар во земјата, им рече висок функционер на воените команданти кои се собраа денеска во Гана за да разговараат за стенд-бај сили.

Комесарот за политички прашања, мир и безбедност на ЕКОВАС, Абдел-Фатау Мусах ја обвини хунтата што го собори претседателот Мохамед Базум на 26 јули дека си игра „мачка и глушец“ со блокот со тоа што одбива да се сретне со пратеници и бара оправдување за преземање на власта.

„Воените и цивилните сили на Западна Африка се подготвени да одговорат на повикот за должност“, им рече Мусах на собраните началници на одбранбените штабови од земјите-членки. Тој ги наведе минатите распоредувања на ЕКОВАС во Гамбија, Либерија и други земји како примери на подготвеност.

„Ако дојде до критична точка, ќе одиме во Нигер со наши контингенти, опрема и ресурси за да се увериме дека ќе го вратиме уставниот поредок. Доколку другите демократски партнери сакаат да не поддржат, тие се добредојдени“, рече тој.

Мусах силно ја критикуваше најавата на хунтата дека има елементи за судење на Базум, кој е во притвор под обвинение за предавство. Обединетите нации, Европската унија и ЕКОВАС изразија загриженост за околностите во кои тој беше приведен.

„Иронијата е што некој кој самиот е во заложничка ситуација…е обвинет за предавство. Кога извршил велепредавство, сите само нагаѓаат“, рече Муса.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.