Авиосообраќајот на аеродромот во Хамбург се уште е во прекин поради „сомнение за заложничка ситуација на пистата во која е вклучено дете“, соопштија локалните власти.

Властите соопштија дека се верува оти причина за инцидентот е „спор за старателството“, а сопругата на возачот повикала 911 и ја известила полицијата за киднапирање на нејзиното дете.

Преговорите продолжуваат, соопшти полицијата во недела во 08:35 часот.
„Оперативната состојба продолжува. Сообраќајните мерки остануваат на сила. Се уште не може да се влезе на аеродромот“, стои во полициското соопштение објавено на социјалната мрежа Х, поранешен Твитер.

Во саботата вечерта, на 4 ноември, вооружен маж со автомобил влета низ безбедносната зона на платформата каде што се паркирани авионите, испукајќи два истрели во воздух и фрлајќи две запалени шишиња од возилото, соопшти полицијата.

„Операцијата продолжува. Нашиот преговарачки тим е во контакт со лицето во автомобилот. Ситуацијата останува непроменета“, соопшти полицијата претходно утрото на 5 ноември, исто така на Х.

Портпаролката на полицијата Сандра Левгрун изјави за регионалниот јавен телевизиски канал НДР дека се верува дека во автомобилот има татко и неговото дете.

Весникот „Билд“ објави дека возачот има 35 години и е од турска националност, а детето е четиригодишно девојче.

Возачот се забарикадирал во својот автомобил покрај авионот на Туркиш ерлајнс.

„Ние сме на местото на настанот со голем контингент служби за итни случаи. Во моментов имаме заложничка ситуација“, објави претходно полицијата во Хамбург на мрежата Х.

Левгрун изјави дека полициските психолози се мобилизирани да се обидат да преговараат за решение со возачот. Таа рече дека е „многу добар знак“ што тој останал во контакт со властите подолг временски период.

Управата на аеродромот во неделата наутро на мрежата Х објави дека авиосообраќајот е во прекин до понатамошно известување.

„Полициската операција на аеродромот во Хамбург продолжува. Летовите ќе останат во прекин до понатамошна наредба. Полицијата ги замолува сите патници и оние што ги земаат да НЕ доаѓаат на аеродромот. Пристапните патишта се главно блокирани“, објави Аеродромската управа на мрежата Х, утрото на 5 ноември.

Во саботата вечерта беа пренасочени 17 летови кои требаше да слетаат во Хамбург. За недела се планирани уште 286 летови на кои треба да се превезат околу 34.500 патници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.