Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека голем број земји поднеле барања за средба со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров за време на неговиот престој во Скопје на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ.
„Навистина можам да потврдам дека има многу барања за билатерални средби. Ќе има и мултилатерални средби“, рече Захарова на брифинг со новинарите.
Се очекува во Скопје да пристигнат Лавров и американскиот дипломат Ентони Блинкен, но засега нема најави дека можеби ќе се сретнат.
Пристигнувањето на Блинкен е најавено за попладне, додека времето на пристигнување на Лавров не се споменува.
Вчера неколку земји го откажаа присуството на своите министри за надворешни работи, меѓу кои и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, образложувајќи дека „Русија постојано ја уништува ОБСЕ“.
И балтичките земји ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во Скопје, а во соопштението порачаа дека не можат да седнат на иста маса со, како што наведоа, „агресорот“ и дека местото на Лавров е во специјален трибунал.
Присуството во Скопје го откажаа и Естонија, Латвија и Литванија.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел вчера најави дека ќе отпатува за Скопје, но дека нема да разговара со шефот на руската дипломатија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.