Тајванската претседателка Цаи Инг-вен денеска најави дека зајакнување на воената способност на Тајван, но и оти воената конфронтација меѓу Пекинг и Тајпеј „не е опција“.

„Сакам да им појаснам на властите во Пекинг дека вооружената конфронтација апсолутно не е опција за нашите две страни“, истакна таа во обраќањето по повод Денот на нацијата, но нагласи дека Тајван ќе продолжи да ги зајакнува своие одбранбени капацитети како и оти островот „ќе ја преземе одговорноста за сопствената самоодбрана“.

Во насока на обезбедување потполна подготвеност за одговор на растечките воени закани, Тајван ќе го зголеми производството на современи ракетни орудија и воени бродови со високи перформанси, како и помали, но лесно подвижни системи и орудија за одбрана со висока прецизност.

Тајванската претседателка уште најави интензивирање и подигање на квалитетот на воената обука и усовршување на програмите за обука на воените резерви.

Што се однесува на прашањето околу војната на Русија против Украина и армиските активности на Кина во Јужното Море, Источното Кинеско Море и Тајванскиот теснец, таа рече дека тоа се потези што ги поткопуваат правилата врз кои се заснова меѓународниот поредок.

Обраќањето на Цаи доаѓа во услови на растечки регионални тензии со Кина. Посетата на претседателката на Конгресот на САД, Ненси Пелоси на Тајпеј на почетокот на август, беше оквалификувана како провокација од страна на Кина, чија армија веднаш потоа организираше и спроведе големи воени вежби и маневри во непосредна близина на Тајван.

Пекинг одбива официјални меѓусебни контакти и го смета Тајван за дел на Кина, заканувајќи се дека и ќе го заземе островот и по пат на сила доколку тоа биде потребно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.