Украина побара од Западот да ја забрза испораката на оружје по руските ракетни напади и зголемениот притисок врз украинската армија на источниот фронт, јавува Ројтерс.

Според украински воени извори, Русија извршила повеќе од 70 ракетни напади во последните 24 часа, а градот Днипро се опоравува по нападот на станбена зграда во кој загинаа најмалку 40 луѓе.

Во околината на градот Бахмут, во Доњецк, беа гранатирани повеќе од 15 населени места, меѓу кои и Соледар, каде двете страни веќе две недели водат жестока рововска војна.

Се наведува дека немилосрдното гранатирање го срамнило Бахмут и сериозно го оштетило градот Авдивка, во центарот на регионот Доњецк.

Ројтерс забележува дека не може да ги потврди извештаите од линијата на фронтот.

Во меѓувреме, претседателот Володимир Зеленски рече дека Западот мора да го забрза процесот на донесување одлуки за испорака на оружје.

Западот испраќа воена помош во земјата од самиот почеток на руската инвазија на Украина, но Зеленски и неговата влада инсистираат да ги снабдуваат со тенкови.

Во понеделникот Велика Британија ја потврди испораката на 14 тенкови Челинџер 2 и други оклопни возила и напредни противвоздушни системи.

Велика Британија, исто така, ја повика Германија во понеделникот да дозволи испраќање тенкови Леопард во Украина, нагласувајќи дека тоа може да ги поттикне другите земји да дадат поддршка и Берлин нема да дејствува сам.

Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт поднесе оставка во понеделникот, откако нејзината влада беше под притисок да им дозволи на сојузниците да испратат тенкови во Украина, на почетокот на она што може да биде клучна недела за плановите на Западот да го снабдува Киев.

Германија досега се спротивставуваше на таквиот потег, велејќи дека западните тенкови треба да бидат испратени во Украина само доколку има договор меѓу клучните сојузници на Киев, особено Соединетите Американски Држави.

Олексиј Данилов, секретарот на Советот за безбедност на Украина, исто така, повика Западот да ја забрза испораката на оружје бидејќи се очекува Русија да се обиде да направи „конечен пробив“.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во петок треба да биде домаќин на сојузниците во воздухопловната база во Германија, каде што ќе разговараат за продолжување на воената помош за Украина.

Украина и САД, исто така, ја обвинуваат Русија за насилно депортирање на Украинците на руска територија. Според Стејт департментот, меѓу 900.000 и 1,6 милиони Украинци, вклучувајќи 260.000 деца, биле депортирани во Русија.

Русија ги отфрла овие тврдења и забележува дека воените бегалци влегуваат во земјата. Според руското Министерство за вонредни ситуации, од февруари минатата година во Русија влегле 4,8 милиони Украинци, меѓу кои 712.000 деца.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.