Во заедничка операција на полициите на Украина, Франција, Германија, Норвешка и САД, уапсен е водачот на хакерска група која дејствува од Украина и е одговорна за кибер напади чија цел била да изнуди стотици милиони евра од нејзините жртви, соопшти денеска Европската полициска служба (Европол).

Полицијата синоќа извршила рација на 30 имоти во западна и централна Украина. При таа акција уапсен е 32-годишен маж за кој се сомнева дека е водач на бандата, како и четворица соучесници.

Повеќе од 20 истражители од Франција, Германија, Норвешка и САД се распоредени во Киев за да им помогнат на локалните полициски и судски власти.

„Во напорите без преседан, полициските и судските власти од седум земји ги здружија силите со Европол и Европравда за да ги уништат и уапсат клучните личности кои стојат зад големите хакерски операции во Украина“, се вели во соопштението.

Таа група хакери нападна организации во 71 земја, заразувајќи околу 250 сервери што доведе до финансиска загуба од неколку стотици милиони евра.

„Овие хакери се познати по тоа што конкретно ги таргетираат големите компании и ги оневозможуваат нивните активности“, се додава во соопштението на Европол.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.