Шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, соопшти дека групата отворила 58 центри за регрутирање во 42 руски града, бидејќи неговите луѓе се на првата линија на битката за Бахмут.

Во 42 града на Руската Федерација се отворени центри за регрутирање за „Вагнер“. Таму пристигнуваат нови борци, тие ќе ни се придружат за да ја бранат својата земја и нивните семејства, објави Пригожин на својот канал на Телеграм.

Соопштението е објавено во време кога групата „Вагнер“ активно учествува во повеќемесечните борби околу Бахмут, град во Донбас, што стана епицентар на борбите со украинската армија. Самиот Пригожин призна дека таму загинале многу борци од неговата група.

Односите меѓу Пригожин и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу се затегнати и шефот на „Вагнер“ постојано се жали дека повеќе не може да регрутира свои борци од руските затвори, од каде групата примаше затвореници во замена за намалување на казната.

Групата сега ја смени тактиката и од неодамна се сврте кон спортските сали каде отвора центри за регрутирање за да привлече потенцијални регрути.

Со објавата на Пригожин прикачен е и список на центри за регрутирање, од кои повеќето се чини дека се во спортски сали или клубови за боречки вештини.

Пригожин не соопштува колку борци со договор планира да ангажира преку овие отворени центри и за колку време.

Рускиот претседател Владимир Путин во септември најави мобилизација на 300.000 резервисти. Во исто време, групата „Вагнер“ доби дозвола да регрутира илјадници борци од руските затвори, кои добиваат амнестија по шест месеци минати на фронтот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.