Седрик Лоџ управител на мртовечница на унивезитетот Харвард е обвинет дека наводно земал глави, мозоци, кожа и коски од трупови донирани на Медицинскиот факултет на универзитетот и ги продавал на интернет.

Според обвинението покренато од американското обвинителство на Пенсилванија педесет и пет годишниот Лоџ доби отказ на 6 мај, a заедно со неговата сопруга се обвинети за продавање органи од починати лица на црниот пазар во период од 2018 до 2022 година, пишува Би-Би-Си.

Студентите од Харвард вежбаат медицински процедури на донирани тела. После тоа, телата често се кремираат, а посмртните останки им се враќаат на нивните семејства или се погребуваат на медицинските гробишта на универзитетот, се вели во обвинението.

„Понекогаш, Седрик Лоџ дозволуваше други луѓе да влезат во мртовечницата на Медицинскиот факултет на Харвард за да ги прегледаат труповите и да одлучат што да купат“, се вели во соопштението на американското обвинителство.

Во обвинението се наведува дека меѓу купувачите биле и Катрина Меклин од Салем, Масачусетс и Џошуа Тејлор од Вест Лоун, Пенсилванија.

Во октомври 2020 година, Меклин наводно купила сецирани човечки лица за 600 долари, кои имала намера да ги обработи во кожа. Таа е сопственичка на Kat’s Creepy Creations, продавница која е специјализирана за трансформирање на кукли во готски и хорор стилови. Засега не е познато дали користела човечки остатоци при изработката на своите креации. Во обвинението стои дека таа во трговијата складирала и продавала делови од човечко тело.

Тејлор, наводно, извршил 39 уплати на сметката на управителот на мртовечницата во период од четири години за да купи човечки останки, во вкупна вредност од повеќе од 37.000 долари. Доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите се соочуваат со затворска казна до 15 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.