Германија се двоуми дали да и достави на Украина борбени тенкови Леопард 2, изјави во неделата украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.

Тој додаде дека Киев не разбира целосно зошто Берлин се двоуми околу испораките, со оглед на сета воена поддршка што веќе е на пат кон Украина.

Кулеба рече дека Германија се обврзала да испрати повеќе испораки на оружје во Украина, кои сепак нема да ги вклучуваат тенковите што Киев постојано ги барал.

Кулеба го критикуваше Берлин за неговиот став по ова прашање, велејќи дека украинската влада не може да разбере зошто Германија испраќа артилерија, но не и тежок оклоп.

„Да бидам искрен, ние не ги разбираме овие аргументи“, рече министерот, додавајќи дека недостатокот на оружје значи дека конфликтот ќе трае подолго, што не одговара ниту на Украина, ниту на нејзините западни поддржувачи.

Официјалниот претставник додаде дека на Украина и’ се потребни генератори и трансформатори за да ја преживее зимата во услови на тековни руски напади врз енергетската инфраструктура на земјата.

Русија почна да ги гаѓа украинските енергетски објекти на почетокот на октомври, откако го обвини Киев дека ја напаѓа нејзината критична инфраструктура, вклучително и стратешкиот мост на Крим. Кулеба истакна дека сценариото за целосно затемнување во Украина е реално, додавајќи дека не очекува масовен егзодус на Украинците од земјата.

Министерот рече дека верува оти луѓето ќе бегаат во руралните средини „каде имаат можност да се греат на дрва“.

Украинските власти постојано ја критикуваа Германија дека не испратила повеќе воена опрема.

Во неделата, Алексеј Макеев, претставник на Киев во Германија, ги осуди националните власти што одбија да испратат системи за воздушна одбрана „Патриот“. Тој, исто така, ја повика Германија да ги забрза другите испораки на оружје, тврдејќи дека неговата земја „нема повеќе време да чека оружје“.

По почетокот на воената операција на Москва во Украина кон крајот на февруари, Германија, заедно со другите западни земји, достави до Киев големо количество оружје, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана и самоодни хаубици.

Москва постојано го предупредува Западот дека снабдувањето со оружје на Украина само ќе го продолжи конфликтот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.