Денеска во Австрија се уапсени двајца екстремисти, а еден од нив е осомничен дека планирал напад на некои од настаните во Виена, вклучително и на претстојните концерти на Тејлор Свифт.

Еден од уапсените лица е 19-годишно момче со потекло од Македонија, дознава ТВ21.

Тој е уапсен во Терница, додека второто лице е уапсено во Виена. Се уште не се познати детали за 19-годишното момче. Сепак, според информациите, едно е сигурно: се вршеле подготовки за терористички напад, а целта биле настани во пошироката област на Виена. Потрагата по останатите осомничени е во тек.

Франц Руф, директор за јавна безбедност во австриското Министерство за внатрешни работи, рече дека властите биле свесни за „подготвителни дејствија“ за можен напад и дека 19-годишниот осомничен „се фокусирал на концертите на Тејлор Свифт во Виена“.

Според нив, 19-годишникот се заколнал на верност на терористичката група ИСИС, а се верува дека истиот се радикализирал преку интернет.

Во неговиот стан била пронајдена сомнителна материја за која постои сомневање дека е експлозив и била дадена на тестирање.

Тејлор Свифт закажа концерти на стадионот Ернст Хапел во Виена во четврток, петок и сабота како дел од турнејата Ерас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.