Намерата на терористите била да убијат десетици илјади луѓе на концертот на американската пејачка Тејлор Свифт. Ова беше откриено на самитот на разузнавачки претставници недалеку од Вашингтон, од страна на заменик директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Дејвид С. Коен.
Откриените планови доведоа до откажување на сите три концерти на пејачката што требаше да се одржат на почетокот на овој месец во Виена, објави „Холивуд репортер“.
Службеник на ЦИА сподели нови детали за истрагата што доведе до откажување на концертот и покрај огромното разочарување на многу фанови на популарната пејачка.
„Терористите планираа да убијат голем број луѓе, десетици илјади од нив на концертот. Сигурен сум дека голем број Американци“, рече Коен и продолжи: „Австриските власти беа во можност да го извршат апсењето благодарение на Агенцијата и нашите партнери во разузнавачката заедница кои дадоа информации за група поврзана со Исламската држава“.
Потсетуваме дека на 7 август „Баракуда мјузик“, промоторот на концертот на Тејлор Свифт, објави дека ги откажуваат сите три планирани концерти во Виена поради терористички планови за напади на стадионот.
Австриските служби уапсија три лица кои го планирале нападот, меѓу кои и едно кај кое е пронајден материјал за изработка на бомби.
Заменик директорот на ЦИА не откри како Агенцијата дошла до информацијата дека се подготвува терористички напад во Виена. Британски „Тајмс“ објави дека на трите концерти во австриската престолнина требало да има околу 200.000 луѓе.
Самата пејачка долго време не го рекламираше откажувањето на настапот, а неодамна објави порака на Инстаграм.
„Откажувањето на концертите во Виена беше поразително. Причината за откажувањето ме исполни со ново чувство на страв и огромна количина на вина бидејќи толку многу луѓе планираа да дојдат на концертите. Исто така, јас сум многу благодарна на властите бидејќи благодарение на нив тагувавме за концертите, а не за загубени животи. Бев воодушевена од љубовта и единството што ги видов кај фановите“, рече таа.
Потсетуваме, еден од уапсените за подготовка на нападот е и Беран А.(19) по потекло од Македонија, кај кого било пронајдено различно оружје, детонатори и неколку десетици илјади фалсификувани евра. Неговите родители се од Гостивар, а како што претходно објавија медиуми, нивните соседи биле шокирани, наведувајќи дека тој е тивко дете.
Еден од уапсените (17) е роден во Виена со потекло од Хрватска. Тој веќе и е познат на полицијата. Третиот уапсен е петнаесетгодишник со турско потекло.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.